ДА НЕ СЕ ШИРИ ПАНИКА: Инцидентот во Куманово не е од меѓуетнички карактер
Објавено во: Македонија 16 Ноември, 2022
Бркотницата во Куманово нема меѓуетнички карактер, потврдија од полицијата.
„Нема меѓуетнички белег инцидентот во Куманово во кој поголема група млади лица нападнаа две момчиња“, изјавил помошник началникот на СВР Куманово Севдали Џафери.
Кажа дека се приведени девет лица и дека случајот е расчистен. Џафери ги повика партиите да не шират паника и дезинформации, а медиумите на внимателност.
„Вчера полициски службеници на СВР Куманово ги лишиле од слобода Р.И. (18), Ф.А.(19), А.Д.(20), К.Г.(18). А.Т. (18) А.В.(18), А.С.(20), А.Б. (23) и Л.С. (19), сите од Куманово и околината на Куманово, додека на службениот разговор биле повикани и тројца малолетници од Куманово. Тие се осомничени дека на 14.11.2022 година на улица 'Карл Маркс' во Куманово со силен алат го оштетиле возилото на Б.Ш.(20) од Куманово, по што предизвикале сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило. По целосно документирање на случајот против сите инволвирани лица ќе бидат поднесени соодветни пријави. По преземени мерки, констатирано е дека се работи за инцидент без никаков меѓуетнички белег“, соопшти полицијата.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пак, повика на ригорозни санкции и кажа дека кога ќе излезат подетални информации за нив ќе стане појасно кому тие служеле и зошто беа вчерашните реакции.
Алијансата за Албанците објави дека жртви на физички напад биле двајца млади Албанци и дека настанот имал меѓуетнички карактер.
Претходно, се појави видео на кое се гледа дека повеќе лица бркаат две момчиња.