Дачиќ прашува: Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи, туку Вучиќ?
Објавено во: Балкан 03 Мај, 2017
Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи, туку Вучиќ, реагираше шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ на интервјуто на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за српски Курир.
Дачиќ изјави дека Вучиќ со денови и со месеци повикувал на мирно решение на проблемот во Македонија, не мешајќи се во внатрешните работи на државата, истакнувајќи дека тоа може да предизвика нестабилност во целиот регион.
„Не знам со што Александар Вучиќ и Владата на Србија го заслужија овој брутален и скандалозен напад од претендентот за местото македонски премиер, Зоран Заев. Зар не му се доста проблемите што ги има во Скопје, па сега ги бара и во Белград. Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи, туку го напаѓа Вучиќ?“ - изјави Дачиќ.
Во Србија постои националистичко раководство и истото е предводено од доскорешниот премиер и ново избран претседател Александар Вучиќ, рече Заев во интервјуто коe предизвика критики од српска страна.
„Во Србија постои исто така националистичко раководство тоа е раководството на Вучиќ кој што се декларираше себе си како лидер во регионот, но првата прилика кога дојде да биде загорозена неговата политичка кариера се покажаа сите негови националистички позиции“ - изјави Заев.
Говорејќи за ситуацијата во Македонија и кризата која владее во земјава повеќе од 2 години, Заев додаде дека на Балканот лошите работи се копираат многу едноставно.