22 Октомври, 2019
0.0249

Даночни поттикнувања за македонскиот спорт

Објавено во: Економија 26 Јуни, 2019

Постапката која е пропишана во Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности („Службен весник на Република Македонија“, број 47/06, 86/08, 51/2011, 28/14 и 153/15) овозможува одредени даночни поттикнувања за донаторите и спонзорите на спортски правни лица, во насока на ослободување од товарот за плаќање данок на донираните/спонзорираните средства.

Покрај овие даночни поттикнувања, со цел поголема мотивација на фирмите да донираат средства за поддршка на спортот во Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“, број 29/02, 66/04, 81/08, 18/11, 51/11, 64/12, 148/13, 187/13, 42/14, 138/14, 177/14, 72/15, 153/15, 6/16, 55/16, 61/16, 106/16 и 190/16 и 98/19) и во Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија“, број 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18, - член 10-а и член 30-а), предвидено е ново решение од кое се очекува позначајна и директна поддршка на спортските правни лица.

Имено, овој нов систем предвидува на даночниот обврзник кој донирал финансиски средства на спортски субјекти, а кои се уплатени на посебна наменска сметка, да му се намали пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства најмногу до 50% од пресметаниот данок. Всушност, станува збор за ослободување од плаќање данок на добивка во висина на износот на средствата кои се донирани на спортски субјекти: национални спортски федерации, спортски клубови, други правни лица кои имаат решение за вршење дејност спорт, како и активни спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови кои таквиот статус го стекнале според услови и критериуми пропишани во Законот за спортот. 

За остварување на ова право најнапред Агенцијата за млади и спорт, врз основа на одредени критериуми согласно Законот за спортот утврдува и на веб-страницата објавува официјални листи на спортските клубови и други спортски субјекти, како и на активни спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови, со износи на ваучер кој треба да им биде доделен. Агенцијата издава ваучер на пропишан образец, во кој покрај износот на ваучерот се наведени и датумот на издавање и неговата важност. 

Спортските субјекти и индивидуалните спортисти на кои им е издаден ваучер треба да најдат донатори на средства за поддршка на нивното функционирање. Донаторот - правно лице обврзник на данок на добивка за да го искористи правото на намалување на пресметаниот данок на добивка до Управата за јавни приходи доставува барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти. Управата за јавни приходи во рок од 15 дена го потврдува барањето (ако ваучерот на спортскиот субјект не е искористен) или го одбива барањето (ако ваучерот е веќе искористен). Даночниот обврзник (донаторот) потоа ги донира средствата и во рок од 15 дена по потврденото барање до Управата за јавни приходи доставува известување за извршена донација, со што всушност го остварува правото за намалување на пресметаниот данок на добивка. 

Користењето на правото за намалување на пресметаниот данок на добивка го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. 
Средствата кои се донирани на спортските субјекти подлежат на контрола за наменското користење најмалку еднаш годишно од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Спортските субјекти кои се приматели на средства по основ на донација истите не смеат да ги вратат во правниот субјект кој ги донирал средствата или во субјект кој е капитално или управувачки поврзан или е во сопственост или управуван од лица во роднинска врска на истиот.

Доколку на даночниот обврзник или на лице поврзано со него, му бидат вратени финансиски средства од страна на спортските субјекти на кои истите им биле донирани, директно или преку набавка на стоки и услуги, обврзникот го должи данокот кој би го платил доколку не го користел ослободувањето. 

Даночниот обврзник кој го користи даночното ослободување може да донира во еден спортски субјект од секој вид спорт. 

Во Законот за данокот на добивка е утврдено дека износот на вредноста на издадените ваучери врз основа на кои обврзниците го остваруваат правото на даночно ослободување изнесува 6 милиони евра годишно, што значи дека овој износ во форма на намалени приходи по основ на данокот на добивка е директна поддршка од буџетот за македонскиот спорт. Листата на спортски клубови и износи на ваучери за 2019 година е објавена, а дополнително се очекува Агенцијата за млади и спорт да ја објави листата со износи на ваучери за активните спортисти кои се натпреваруваат во индивидуални спортови.

Од објавената Листа на спортски клубови може да се утврди дека најголема поддршка е предвидена за екипните олимписки спортови, следат индивидуалните олимписки спортови, понатаму федерациите од неолимписките спортови и новоформираните федерации.

Со ваучери во најголеми износи се поддржани ракометните клубови (на врвот на листата се РК „Вардар“ со 14.325.768,00 денари, РК „Металург“ со 12.624.240,00 денари и РК „Еурофарм Работнички“ со 11.800.920,00 денари, по што следат останатите клубови), потоа кошаркарските клубови (КК „МЗТ Скопје Аеродром“ со 9.972.040,00 денари, КК „Работнички“ со 7.489.520,00 денари и останатите), фудбалските клубови (ФК „Работнички“ 6.705.900,00 денари, ФК „Вардар“ 6.407.860,00 денари, ФК

„Шкендија“ 6.348.252,00 денари и останатите), одбојкарските клубови итн.

Македонскиот спорт заслужува поддршка и согласно актуелното понудено решение  фирмите треба да се доволно мотивирани за негова активна поддршка.

Анета Димовска, самостоен советник 
во Стопанската комора на Македонија

Можеби ќе ве интересира

СКОК НА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА: Maкедоцните во август заработувале повеќе од лани истиот период

СКОК НА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА: Maкедоцните во август заработувале повеќе од лани истиот период

Бектеши: Предвремените избори ќе се одразат врз економијата

Бектеши: Предвремените избори ќе се одразат врз економијата

Ова се цените по кои ќе се точат бензини и дизел неделава

Ова се цените по кои ќе се точат бензини и дизел неделава

ФИРМИТЕ ПРЕПЛАШЕНИ ОД ИЗБОРИТЕ - никој нема да работи цела година

ФИРМИТЕ ПРЕПЛАШЕНИ ОД ИЗБОРИТЕ - никој нема да работи цела година

„Прилепска пиварница“ има 76.000 евра од продажба просечно дневно

„Прилепска пиварница“ има 76.000 евра од продажба просечно дневно

Ѓорче Петров ќе биде осветлен за милион денари месечно

Ѓорче Петров ќе биде осветлен за милион денари месечно

Општина Куманово ќе се подновува со возила вредни 94 илјади евра

Општина Куманово ќе се подновува со возила вредни 94 илјади евра

„Стопанска банка Скопје“ нуди 25 денари фиксна дивиденда за приоритетните акции

„Стопанска банка Скопје“ нуди 25 денари фиксна дивиденда за приоритетните акции

Се бара укинување на законот кој ќе им ги зголеми давачките на пазарџиите од 2020 година

Се бара укинување на законот кој ќе им ги зголеми давачките на пазарџиите од 2020 година