Добивај вести на Viber
Советниците на општина Центар денеска повторно пред себе ги имаат на разгледување двата спорни детални урбанистички плана, чија објава ја стопираше градоначалникот Андреј Жерновски. Согласно законските одредби, по ветото од градоначалникот, претседавачот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ на дневниот ред за денешната седница повторно ги стави ДУП-овите за Тасино Чешмиче и Градска четврт - Капиштец.
Со нив, меѓу другото се предвидува изградба и на хотел на десет ката на Водно, точка која е спорна за советниците на СДСМ и коалицијата и за градоначалникот Жерновски.
Одлуката за урбанистичките планови и денеска се очекува да зависи од гласот на претседавачот Шиповиќ. Минатиот пат тој беше воздржан, но бидејќи советниците на СДСМ и коалицијата ја напуштија салата, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција обезбеди просто мнозинство за плановите да поминат.
Жерновски тогаш не ја потпиша одлуката за измена на урбанистичките планови со образложение дека одлуки во локалниот совет се носат со мнозинство од вкупниот број советници, а не со мнозинство од присутните.
Мнозинството во Советот на општина Центар е тесно - само еден глас одлучува кој ќе добие надмоќ за носење на одлуките.
Жерновски истовремено обвини дека Шиповиќ се соочувал со огромен притисок да ги поддржи урбанистичките планови, поради обвинението покренато против него во аферата за злоупотреби во фирмата „Машинопромет“.