Димитров вели се отвараат тешки прашања, за Нимиц има позитивно чувство
Објавено во: Македонија 30 Март, 2018
Maкедонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, по средбата со колегата Никос Коѕијас и медијаторот Метју Нимиц во Виена, оцени дека средбата била продуктивна.
„Напредокот е условен, бидејќи се отвораат тешките прашања. И од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување, и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за едната страна и за другата страна и дали можеме во компромисот кон кој се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа не зачудува што колку отворено и поконкретно чекориме кон решение така и тешкотиите излегуваат сѐ повеќе на виделина “- вели Димитров.
Нимиц рече дека додека траела нивната средба, биле одржувани и паралелни средби на дипломати и експерти од двете земји, кои како што рече, работеле на помалку контроверзните аспекти од договорот, со фокус на иднината на односите меѓу двете земји.
„Серијата на средби ќе продолжат во иднина, поставивме еден работен пат и можам да кажам дека, без навлагање во детали, ги адресиравме тешките прашања. Сѐ уште постојат тешки прашања кои треба да се решат, но според моето мислење и долго искуство постои многу позитивно чувство“- изјави Нимиц.
Тој додаде дека двајцата министри се фокусираат на долгорочните односи, на стабилноста во регионот, на важноста на добри односи меѓу двете земји.