Дизни со купувањето на Фокс стана опасен гигант
Објавено во: Економија 15 Декември, 2017
Корпорацијата Дизни плати неверојатни 52 милијарди долари за да го преземе филмското студио Фокс кое претходно беше во сопственост на медиумскиот конгломерат на тајкунот Руперт Мердок. Да појасниме дека Дизни го откупи само филмското студио кое стои зад хитови како Deadpool и X-Man, но не и на кабелската мрежа на ТВ станици Fox News.
Сепак, и со приспојувањето на Фокс кон Дизни се создава една моќна филмска империја која под своја капа веќе ги има најпопуларните филмски франшизи, од суперхероите на Марвел, пиратите од Карибите, до ултра профитабилните филмови од Star Wars серијалот со претходното преземање на Lucasfilm од легендарниот филмаџија Џорџ Лукас.
Во сопственост на Дизни ќе преминат и големите серијали Аватар за кои Џејмс Камерон со години ги подготвува новите продолженија. Да потсетиме дека во 2009 година Аватар ги сруши сите рекорди на заработка низ светот од над 3 милијарди долари поради тоа што беше прв филм со новата модерна 3Д технологија. Сега, Дизни ќе ги поседува и Симпсонови, научно-фантастичната серија Alien и уште многу други.
Стратегијата на Дизни е во наредниот период да лансира сопствен видео стриминг сервис што ќе значи дека досегашните ТВ серии кои ги емитува на Нетфликс ќе ги повлече. Исто така на сопствениот стриминг ќе ги поставува и новите ТВ сериии од телевизиското студио на Фокс каде исто така има голем број на хитови кај публиката, а секако ќе има и барем дваесет добри филмски блокбастери секоја година со ваков огромен потенцијал на франшизи.