НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото
Објавено во: Економија, Свет 03 Мај, 2024
Цените на храната благо пораснаа во април бидејќи повисоките цени на месото, растителните масла и житариците ги надминаа пониските цени на шеќерот, млекото и млечните производи, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на ФАО на кошничката основни прехранбени производи во април се зголеми за 0,3 поени во однос на ревидираната вредност за март и во просек изнесуваше 119,1 поен. Тоа значи дека на месечно ниво се зголемени за 0,3 отсто.
Во март кошничката со основни прехранбени производи поскапела на месечно ниво, првпат од септември 2023 година, за 1,2 отсто, покажуваат податоците на ФАО.
Во однос на ланскиот април, цените се пониски за 9,6 отсто.
Месото најмногу поскапе во април на месечна основа, за 1,6 отсто во однос на март, што е одраз на повисоките цени на живината, говедското и овчо месо.
Незначително поскапеа и житарките и растителните масла, за 0,3 отсто во однос на март. Цените на пченицата се стабилизираа во април бидејќи силната конкуренција од големите извозници ја намали загриженоста поради неповолните услови за одгледување во некои делови на Европската унија, Русија и САД.
Цените на пченката исто така се зголемија бидејќи силната побарувачка се совпадна со логистичките проблеми во Украина поради оштетената инфраструктура, заедно со загриженоста за бразилското производство. Оризот, пак, поевтини за 1,8 отсто, главно благодарение на добрата жетва на индексот.
Шеќерот, пак, поевтини за 4,4 отсто во однос на март, главно благодарение на подобрените изгледи за производство во Индија и Тајланд и подобрите временски услови во Бразил. Во однос на ланскиот април, цените се пониски за 14,7 отсто.
Млечните производи паднаа за 0,3 отсто во однос на март, што ја одразува слабата увозна побарувачка за обезмастено млеко во прав и пониските цени на сирењето под притисок на посилниот долар. Од друга страна, путерот поскапе поради континуираната силна побарувачка за увоз.
Стагнација на производството на пченица
Во посебен извештај за понудата и побарувачката на пазарите за жито, ФАО повторно маргинално ја зголеми проценката на светското производство на жито во сезоната 2023/2024 година на 2,846 милијарди тони. Тоа би значело дека во однос на претходната сезона е зголемен за 1,2 отсто.
Тие, исто така, маргинално ја зголемија прогнозата за потрошувачката на жито во сезоната 2023/2024, проценувајќи дека таа ќе изнесува 2,83 милијарди тони, што според новите пресметки би претставувало зголемување од 1,4 отсто во однос на сезоната 2022/2023 година.
Тоа значи дека залихите на жито на крајот на сезоната ова лето треба да бидат за 2,1 отсто повисоки од почетокот и да достигнат 890 милиони тони. Бројката е сепак помала за четири милиони тони од прогнозата на ФАО во априлскиот извештај.
Според новите пресметки на ФАО, глобалната трговија со жито треба да се зголеми за 1,6 отсто во тековната сезона, на 487 милиони тони, со поголем обем на трговија со крупни житарки, како што е пченката и нешто помал обем на трговија со пченица.
Проценката за годинешното производство на пченица повторно е благо намалена, на 791 милион тони, што би значело дека горе-долу ќе остане на минатогодишното ниво. Претходните проценки покажаа раст од 1 процент.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.