До 7 јануари нема патување во Грција
Објавено во: Македонија 16 Декември, 2020
До 7 јануари македонските граѓани нема да можат да патуваат во Грција.
Грција ја продолжи забраната за влез нa македонски државјани до 7 идниот месец.
На сила е забрана за влез на странски државјани со цел да се спречи понатамошното ширење на коронавирусот. Оваа забрана не се однесува на државјаните на земјите членки на ЕУ и на земјите од шенгенот. Забраната не се однесува на медицинскиот персонал, истражувачите и здравствените работници, под услов нивниот влез во Грција да има деловни цели, лица кои подолго време престојуваат во земја членка на ЕУ или во шенген-зоната, како и оние кои имаат дозвола за престој во земјите членки на ЕУ или во шенген-зоната.
Забраната не се однесува на членовите на државната делегација, персоналот на дипломатско-конзуларните претставништва и делегации, персоналот на меѓународни и европски институции, членови на хуманитарни организации за време на активностите, воениот персонал и припадниците на безбедносните сили или грчкиот Генерален секретаријат за цивилна заштита. Забраната не се однесува на вработените во областа на транспортот, вклучително и поморскиот и речниот сообраќај, екипажот на авионите, екипажот и техничкиот персонал на противпожарните авиони, како и на возачите на камиони кои се во транзит поради транспорт на стоки, како и апсолутно потребниот персонал за нивниот транспорт.
Оваа одлука не важи за патниците во транзит, студентите кои студираат во Грција, луѓето кои се грижат за стари лица и лица со посебни потреби, како и сезонски земјоделски работници.
За 24-часа во Грција повторно е регистриран зголемен број смртни случаи од Ковид-19, починаа 98 лица, а заразени се уште 1.240 лица, јави дописничката на МИА од Атина.