Добивај вести на Viber
Веќе шеста година по ред се делат стипендии од фондацијата „Трајче Мукаетов“ . Годинава дадени се на 42 студенти или 20 за студенти на Фармацевтскиот и 22 за студенти на Медицинскиот факултет во Скопје кои се трета и четврта година од студиите.
Емилија Лазова од Фармацевтскиот факултет со просек 9,84 и Сандра Ѓоргова од Медицинскиот факултет со просек 9,89 оваа година беа наградени со еднократната парична награда за првенец на генерација.
Како што информираше генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов избраните студенти ќе примаат по 6.500 денари во текот на една година.
„Заклучно со овие 42 студенти кои добиваат стипендии, досега Фондацијата има стипендирано 264 студенти од кои 141 од Фармацевтскиот и 123 од Медицинскиот факултет. Од нив 82 студента од Фармацевтскиот и 51 студент од Медицинскиот факултет дипломирале. Со тоа можам да ја истакнам гордоста на нас како членови на УО на Фондацијата дека на овие наши веќе академски граѓани сме им помогнале на некој начин да може да дипломираат. Од нив 17 стипендисти веќе се вработиле во Алкалоид АД Скопје“, информираше Мукаетов.
На Фармацевтскиот факултет стипендии добија 16 студенти од трета година и четворица од четврта година. На Медицинскиот факултет за оваа стипендија годинава аплицирале 51 кандидат.
„Од 2010 година Фондацијата доделува и парична награда за студент на генерацијата која досега изнесуваше 1.000 евра, но од оваа година УО одлучи наградата да биде во висина од 1.200 евра. Да се заблагодарам на Фондацијата односно на АД Алкалоид заради тоа што на многу начини покажува како може да се направи да се зголеми грижата за здравјето на граѓани, а исто така не помалку важни се и активностите од хуманитарен аспект кои придонесуваат да се создадат кадри кои ќе бидат посолидни од аспект на здравствената дејност во Република Македонија“, изјави Деканот на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски.