„Цело ВМРО-ДПМНЕ“ во еден вагон на пуштањето на новата железничка пруга
Објавено во: Македонија 17 Јануари, 2025
Бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ објавија селфи од денешното прво пробно возење на отворањето на новата пруга Куманово - Бељаковце.
Фотографијата ја објави пратеникот Драганм Ковачки, на која е уште еден пратеник - Крсто Петрушевски. Тука е и националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев, министерката за енергетика Сања Божиновска и други.
По повод завршување на градежните работи на делницата Куманово – Бељаковце (Коридор 8 Источна делница) премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува и ќе ја пушти во употреба новата железничка пруга.
Пругата Куманово – Бељаковце е со должина од 30,8 километри и на неа се изградени три нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација. На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 000 000 евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување.
Како што информирара владината прес-служба, новинарите ќе имаат можност заедно со премиерот Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски да ја извозат со локомотива новоизградената железничка пруга.