Држава од Пацификот го повлече признавањето на Косово
Објавено во: Свет 06 Јули, 2018
Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ ја покажа официјалната нота од Папуа Нова Гвинеја како доказ дека го повлекла признавањето на независноста на Косово, јавуваат српските медиуми и додаде дека досега вкупно шест држави го повлекле признавањето на протекторатот.
„Многу често со потценување се однесуваме кон тие земји, зборуваме дека се мали и неважни. Како беа важни кога го признаваа Косово, а сега кога го повлекуваат не се важни... ова е голем успех за нашата држава“, кажа Дачиќ.
Тој истакна дека Србија ќе продолжи со таа работа без оглед на притисоците со кои се соочува.
„Не се бориме ние против Приштина, знаете против кого се бориме, нивните ментори и заштитници кои, веднаш штом ќе добиеме ваква нота, очекувам дека ќе отпатуваат во Папуа за да видат дали навистина се повлекле. Затоа и ние мора да се бориме на сите страни“, кажа Дачиќ.
„Имаме ноти од шест држави со кои го повлекуваат признавањето на Косово како независна држава и ќе ги почитуваат резултатите, преговорите и договорите на дијалогот во Брисел“, истакна Дачиќ.