Добивај вести на Viber
Владата ќе инвестира во Охрид пет плажи, марина, со пешачка патека ќе ги поврзе пристаништето и Канео, а потоа во втора фаза изградба на патека од “Канео“ до “Лабино“, објави порталот
Лихнид, пренесувајќи изјава од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
„Со новата програма на Владата на Република Македонија, Охрид е застапен со изградба на пет современи плажи кои што се планира да бидат изградени така како што ние првично како локална самоуправа предложивме, односно четири плажи на потегот од месноста Лагадин до Пештани и една плажа од месноста Грашница, па се до хотелот „Далјан“. Изработката на проектот ќе започне во текот на 2014 година, а во 2015 и 2016 година дефинитивно овие плажи ќе бидат изградени и уредени. Што се однесува до изградбата на марината во оптек се две локации, едната е локацијата во централното градско подрачје до старото градско пристаниште и втората локација е некаде околу каналот Студенчишта за која што треба да се остварат и некои други предуслови за да би можеле да го реализираме овој проект“, изјавил Бакрачески.
Тој додава дека Охрид во моментот преговара и со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за одбрана околу можноста за дислокација на двата објекти кои што во овој момент ги користат кај Студенчишта. Доколку тие бидат дислоцирани во оптек е и опцијата градската марина да се изгради околу каналот “Студенчишта“.
Во текот на следната недела, пак, охридските локални власти со Министерството за транспорт и врски ќе разговараат и околу изградбата на нова пешачка патека од пристаништето до Канео. Средствата за изградба на патеката ги обезбедило ова министерство, но мислењата на охриѓани во врска со овој проект се поделени.
„Голем дел од нив од одамна бараат нејзина изградба, а помал дел од нив имаат негативно мислење во однос на изградбата на оваа патека. Ние сепак првично ќе ги разгледаме заложбите на Министерството за транспорт и врски, ќе видиме како ќе изгледа проектот и каква ќе биде намената, па дури потоа можеме на некој начин во една поширока дискусија со граѓаните на Охрид ја разгледаме оваа идеја и потоа да ја реализираме“, вели Бакрачески.