Добивај вести на Viber
Без објавување оглас, само во првото полугодие од оваа година се склучени договори вредни 22,6 милиони евра , објави Центарот за граѓански комуникации. До оваа бројка е дојдено преку мониторирање на јавните набавки за периодот од април до јуни 2013.
Притоа се заклучува дека има пад на бројот на жалби во однос за тендерите иако бројот на тендери пораснал од 4.175 во првото полугодие од 2012 година на 9.046 тендери во истиот период годинава. Притоа бројот на жалби се намалил од 338 на 291, за овој период годинава споредено со лани.
Од Центарот посочуваат дека дел од институциите не ја почитуваат законската обврска да ги вклучат фирмите во подготовка на техничките спецификации за јавните набавки над 130.000 евра, преку водење технички дијалог, како и дека државните институции се почесто бараат од фирмите да имаат остварено добивка во последните три години, како услов во учество во тендер.
„Институциите и натаму користат елементи за оценување на понудите кои не гарантираат избор на најповолна понуда. Рокот за изведба или испорака и натаму се користи за бодување на понудите, а останува актуелен и проблемот на несоодветно оценување на квалитетот на понудите“ посочуваат во анализата од каде додаваат и дека голем проблем е тоа што речиси половина од договорните органи чии постапки биле мониторирани не ги објавиле тендерските документации на ЕСЈН, а половина од тие што барале од понудувачите да ја подигнат документацијата во хартиена форма и ја наплаќале.