Добивај вести на Viber
Повеќе невладини организации ќе започнат секојдневни протести против загадувањето на воздухот во Македонија. Веќе неколку дена нивото на опасните ПМ10 честички во воздухот е неколкупати поголемо од дозволеното во повеќе македонски градови.
Според екологистите, не се прави доволно за да се одржи квалитетот на воздухот, а главни загадувачи не се граѓаните, туку големите индустриски капацитети како Југохром и Макстил, кои не ги воведуваат потребните еколошки стандарди одредени со закон.
„Го молиме Министерството за животна средина да реагира. А, ако не го стори навреме, тогаш ние како граѓани ќе се собереме за да го изразиме револтот кон министерството“, вели Џафер Дурмиши од НВО Тетово.
Во изминатите неколку дена, маглата и загадениот воздух ги наполнија двете детски болници во Скопје - Клиниката за детски болести и Институтот за белодробни заболувања во населбата Козле. Децата најчесто се жалат на респираторни проблеми и алергиски реакции. Загадениот воздух предизвикува проблеми и кај возрасните, а особено кај болните од астма.
Освен Скопје, на листата на критични градови се и Тетово, Битола, Кавадарци... Надлежните советуваат граѓаните во овие загадени средини да избегнуваат подолг престој на отворено и проветурување на домовите.
Премиерот Никола Груевски, кој денеска промовираше кампања за здрав живот, вели дека со новата мерка за забрана на автомобили со Еуро 1 и Еуро 2 стандард ќе се намали загадувањето на воздухот во земјава.
„Тие возила со Еуро 1 и Еуро 2 стандарди ги заменија многу старите возила без стандарди, односно многу старите, кои правеа многу повеќе загадување, со помалку стари кои правеа помало загадување. И таа мерка беше во таа насока“, вели Груевски.
Од загадениот воздух, според податоци од Европската Унија, умираат повеќе луѓе отколку во сообраќајни несреќи. Според Студијата на Светска Банка, во Македонија годишно умираат околу 1.350 лица од загадување на воздухот. Освен ова, загадувањето предизвукува и економски штети.