Добивај вести на Viber
Т-Мобиле, во соработка со партнери од Бугарија и Словенија го доби тендерот за воведување електронски билети во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје.
ЈСП го потпиша договорот вреден три милиони евра, според кој компанијата има девет месеци да ги воспостави системите за електронска наплата и за автоматска локација на возилата.
Веќе следното лето, од автобусите на ЈСП треба целосно да бидат исфрлени од употреба хартиените билети, а патниците на автобуските стојалишта да добиваат редовни информации за тоа кога доаѓа следниот автобус.
За реализација на овој проект, Т-Мобиле се споени во конзорциум со „Маргенто РиД“ ДОО од Марибор, Словенија и ИKОМ ООД од Софија, Бугарија. Проектот се очекува да овозможи подигање на квалитетот на превозните услуги преку запазување на пропишаните возни редови и намалување на времето на чекање во согласност со моментните случувања во сообраќајот во градот.
Kога ЈСП го распиша јавниот повик за набавка, процени дека се потребни 120 милиони денари, односно два милиона евра за двата система, а понудата на „Т-мобиле“ беше 180 милиони денари, односно околу 3 милиони евра. За да може ЈСП да склучи договор со оваа компанија, на седница на Советот на Град Скопје мораше да се направи измена во Инвестициската програма во која се зголеми предвидениот износ, а директорот на ЈСП, Мишо Николов изјави дека лошо ја процениле вредноста на набавката.