ЕЛЕМ: Под водство на Мицкоски ќе продолжи развојната политика
Објавено во: Македонија 29 Септември, 2016
Од АД ЕЛЕМ реагираат на обвинувањата на СДСМ дека Христијан Мицкоски новоименуваниот директор е уште еден промашен обид на Груевски да ги покрие промашените проекти на коишто работеше ЕЛЕМ изминативе години директно по негова нарачка.
Од ЕЛЕМ наведуваат дека Мицкоски е доктор од областа на машинството, универзитетски професор, автор на преку 100 научни трудови и добитник на повеќе меѓународни награди и признанија за иновации. Оттука, „Електрани на Македонија“ може да има само придобивки од искористувањето на неговиот стручен, професионален и меѓународно признат капацитет кој ќе ја продолжи и унапреди развојната политика на компанијата.
„Иако СДСМ се обидува да ги омаловажи сите завршени и започнати енергетски проекти, потсетуваме дека АД ЕЛЕМ во изминатиот период реализира силен инвестициски циклус во изградба на нови производствени капацитети на електрична енергија, и во континуитет ја спроведува програмата за модернизација и ревитализација на постојните електрани. Компанијата манифестира силна посветеност во реализација на проекти од нови обновливи извори на енергија. За првпат, во Република Македонија е изграден и капацитет кој го користи ветерот како погонска сила. Изградени се два сосема нови капацитети за производство на електрична енергија, отворен е нов рудник за јаглен, спроведен е и сложен зафат за ревитализација и модернизација на хидроелектраните-втора фаза“ - велат од ЕЛЕМ.
Од опозициската СДСМ претходно обвинија дека заради промашените политики во енергетиката, граѓаните на Македонија изминативе 10 години плаќаат за 100% поскапа цена на електричната енергија.