27 Април, 2024
0.0614

Еуфоријата спласна, остана соочувањето со реалниот живот!

Објавено во: Колумни 02 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Помина еуфоријата, се потроши и тоа што беше планирано за во иднина, и сега што! Остана да се дојаде прасето, витканите сарми и се она што во големи количини се подготвува типично за овој период од годината, бидејќи едно од најголемите задоволства за Македонците, во немање други можности е храната. Кај нас за жал, полн фрижидер и богата трпеза се симболика за богатство на едно просечно семејство. Секогаш купуваме повеќе од колку што можеме да изедеме. И поучени од тоа дека не е домаќински храната да се фрла, ние си фрламе во нашите стомаци небаре сме контејнери. А потоа не може да се избегне ручекот кај твоите родители, па кај родителите на сопругата, па кај вујната, стрината итн...   Интересна е споредбата за нашите навики и преокупации, со оние на граѓаните од западно европските земји. И на запад луѓето ги ,,дрма,, потрошувачка треска пред празниците, но тие реално и имаат добар стандард, нема да трпат за леб ако потрошат повеќе. Колку наши луѓе пак можат во зима и крајна загаденост на воздухот, да си дозволат да отидат негде далеку, каде е лето и топло? Некои и никогаш не отишле на море дури ни во лето. Што попрво да се направи со просечна македонска плата! Колку може да се заштеди, или колку години треба да поминат за да се собере доволно за еден стан, а на заштеда може да размислуваат само оние кои имаат редовна, солидна за македонски услови плата. Ако се споредуваме со просечните луѓе во една просечно богата земја од западниот свет, тешко дека можеме да кажеме дека имаме нормален живот. Нивните грижи и преокупација, спроти нашите, се различни како ден и ноќ! Ние работиме за да скрпиме крај со крај, а тие ги живеат своите соништа. Секако и кај нив има исклучоци, но по ретко. Имаат можности за избор, да сменат работно место, бидејќи и постои развиен пазар на трудот, да си речат во следниве месеци ќе направам пауза, ќе одморам! Дури и цените да речеме на облека  кај нас се повисоки отколку во странство, таму кога има попуст, тоа и е попуст. Колку се Македонците чија што преокупација се уметност,  филозофија, музика или нешто друго, наспроти борбата со секојдневната егзистенција. Стандардот на луѓето е репер за квалитетен живот, и така треба да биде. Се друго е само статистика, потребна за анализа, за извлекување заклучоци за идните тенденции, кои треба сепак на крајот да го подобрат животниот стандард. Жално е што прагот на нашите очекувања е спуштен на дното. Луѓето веќе не се бунат, помирени со својата судбина. Така е веќе 15-20 години, и ништо не се менува. Затоа, секој поединец треба да работи умно и напорно за својата иднина. Во контекст на ова ќе ви кажам еден пример за еден мој познаник кој на 31-ви ни беше на гости. Тој без грам еуфорија во него, вели јас на први ќе работам. Кај нас во земјава преку ноќ се збогатиле само оние кои се занимавале со криминална работа, а таквите како мене кои работат чесна работа (човекот е молер и тапетар), мора да си го планираат времето. Овој човек е пример дека оној кој е вреден, самиот е креатор на својата судбина. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД