ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?
Објавено во: Агробизнис 26 Април, 2024
Во македонските пчеларници сè почесто има засадени дрвца пауловнија, затоа што се медоносни и корисни за пчелните семејства.
Како медоносно дрво, пауловнијата е многу значајна за пчеларите. Покрај квалитетниот мед од големо значење е и фактот дека цветовите се многу богати со нектар и на пчелите на тој начин не им е потребно да посетуваат многу цветови. Се смета дека од еден хектар пауловнија пчелите можат да соберат од 900 до 1000 килограми нектар. Медот од пауловнија служи како лековито средство.
„Корисна е, но треба и наводнување. Јас немам засадено, но имам пријатели во селото што имаат насадено. Сум слушнал дека ја садат многу. Тие дрвја многу брзо растат. За 10 години ќе бидат големи и дебели дрвја. Багремот ако поднебјето одговора може исто така да се засади. Во потополите места, во Скопје, Повардарие одговара климата за садење на багрем, а во Македонски Брод не. Детелината исто е корисна ако ја има во близина“, вели Венко Маркоски, пчелар.
Оние кои засадиле пауловнија во пчеларниците додаваат дека кога дрвцата цутат, глетката е рај за очи.
„Ние сме пчелари, продаваме мед. И во пчеларникот имаме засадено пауловнија веќе 4 години. Сега дрвцата цветаат. Имаат голем и убав цвет. Во зависност од семето ги има и со бела боја, розева и виолетова и се многу убави. Семето го земав од Србија, а тука ги садевме во леи, ги расадувавме и сите испаднаа во различни бои. И во двор имам засадено пауловнија. Се едуцирав дека е многу медоносна и добра за пчелите. Во пчеларникот имаме 6-7 дрвца пауловнија и плус толку багреми и други дрвца кои се добри за пчелите. Корисни се во секој случај. На интернет сме читале дека е корисна и сме засадиле пауловнија. Нормално е дека колку повеќе ги има, тоа е подобро за пчелите, тие собираат храна“, додаваат од пчеларникот „МИА-би“ од Кавадарци.
Ова семејство има и плантажи со пауловнија. И пчеларите во регионот свесни за бенефитите, имаат засадено пауловнија во пчеларниците. Пауловнијата во пчеларскиот сектор многу повеќе се користи во Кина. Поради негативните последици од намалената достапна паша за своите пчели, пчеларите одамна ја потенцираат важноста на садењето медоносни растенија. Словенечкиот пчеларски сојуз во ноември 2021 го почна проектот Ден за садење медоносни растенија за да ја подигне свеста по ова прашање и сите чинители да се активираат.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/unsplash.com