05 Мај, 2024
0.0329

Интервју Влатко Шешов

Евтината градба може најскапо да чини!

Трошокот еден објект да биде сеизмички издржлив е занемарлив во однос на штетата што може да се случи ако објектот не е проектиран и изведен согласно сеизмичките прописи и стандради.

Објавено во: Економија 17 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Серијата земјотреси што се случија изминатите денови во Скопје  отворија многу прашања.Дали се безбедни објектите, колкава јачина на земјотрес можат да издржат, колку градежниците ги почитуваат законите и внимаваат при градбата кога се во прашање сезимичките стандарди. Од Институтот за земјотресно инжинерство и инжнерска сезимологија (ИЗИИС) дека сите објекти проектирани и градени согласно важечките техничките прописи можат да ги издржат максималните очекуваните сеизмички дејства.Трошокот еден објект да биде сеизмички издржлив е занемарлив во однос на штетата што може да се случи ако објектот не е проектиран и изведен согласно сеизмичките прописи и стандради, вели во интервју за Фактор професор д-р Влатко Шешов, раководител на одделот за Геотехника и Специјални Објекти во ИЗИИС.

Фактор: Последните серија земјотреси во Скопје, предизвикаа паника кај граѓаните но и го отворија прашањето, како се градени објектите во Скопје и колкав земјотрес  можат да издржат?

Шешов: Објектите се проектирааат и градат според важечки технички прописи. Согласно на правилата дадени во прописите, секој објект соодветно на својата локација се проектира за одредено ниво на земјотрес тоа е т.н проектно ниво на земјотрес. Покрај тоа објектот се анализира и за т.н максимално очекувано ниво на земјотрес за конкретната локација и за тоа ниво објектот треба да ја задржи интегралноста на носивата конструкција и да ја осигура безбедноста. Овие нивоа на земјотрес се дефинираат со посебни сеизмички студии. Да резимирам: сите објекти проектирани и градени согласно важечките техничките прописи можат да ги издржат максималните очекуваните сеизмички дејства.

Фактор: Како се градело Скопје после катастрофалниот земјотрес од 1963, односно колку од тогаш се внимава на статиката?

Шешов: Катастрофалниот земјотрес од 1963 година претсавува пресвртница во поглед на проектирањето и градењето на градежни објекти не само во Македонија туку и пошироко во Европа. Може да се каже дека со скопскиот земјотрес започнува и развојот на земјотресното инженерство во Европа. Се пристапува кон темелна промена на техничките прописи за проектирање кои до тогаш не го третирале земјотресот сериозно во анализите и се донесуваат на сила прописи кои го земаат земјотресот како еден од дополнитените товари во анализите и пресметките. Се врши интензивна едукација на инженерскиот кадар, се отвараат првите последипломски студии по земјотресно инженерство во ИЗИИС, сеизмичките анализи стануваат составен дел на секој проект. Сето ова придонело да се проектираат и градат објекти со многу поголемо ниво на сеизмичка заштита.

Фактор:  Се почитуваат ли законите кога се во прашање сезимолошките процедури или градежниците штедат, односно дали тоа што е на хартија се почитува во однос на материјалите што треба да се користат во градба?

Шешов: Проектантите и градежниците се должни да ги почитуваат важечките технички прописи и стандарди, во кои сеизмичките студии се составен дел од проектот. Постои цел процес на контрола на тоа дали се испочитувани сите прописи и стандарди , како во фаза на проектирање , тоа е т.н ревизија на проектите и потоа и во фаза на изведба , т.н надзор на градењето, контроли на квалитет на вградени материјали и слично. Покрај ова, пред три години со измените во Законот за градење, поставени се уште два столба на контрола, и тоа во фаза на проектирање, постои Мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита и за поголеми градби од 300 м2 постои Мислење за изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата во тек на изградба на градбата и по изградба на целиот конструктивен систем на градбата. Сите овие мислења ги издава ИЗИИС по детален преглед на доставена проектно-техничка документација за секој градежен објект и два технички увида во фаза на градење.

Фактор: Колку изнесува трошокот за една зграда да сеизмички издржлива?

Шешов: Трошокот еден објект да биде сеизмички издржлив е занемарлив во поглед на тоа што може да се случи ако објектот не е проектиран и изведен согласно сеизмичките прописи и стандради. Не се работи за трошок туку напротив треба да се вложи знаење и искуство за да се минимизираат било какви оштетувања и избегнат загуби на човечки животи при евентуален земјотрес.

Фактор: Што е со доградбите на веќе постоечките објекти, особено оние постарите, колку тие се безбедни и колку треба да се внимава кога се доградуваат?

Шешов: Во поглед на доградување на постојни објекти особено ако се работи за објекти изградени пред 1963 година, треба да се посвети исклучително внимание, особено што овие стари објекти не се асеизмички проектирани и истите имаат многу лимитиран сеизмички капацитет. За вакви објекти потребно е прво да се дијагностицира постојната состојба на стариот објект и согласно добиените резултати и важечките техничките стандарди ако постои за тоа можност, да се пристапи кон понатамошно проектирање на доградбата.

Фактор: Каква е состојбата со објектите од посебен јавен интерес, училишта,градинки, болници, дали таму има посебни стандарди за безбедност?

Шешов:Во сеизмичките прописи и стандарди постои категоризација на објекти врз основна на нивното значење во општеството. За објектите од посебен јавен интерес (училишта, градинки, болници, и слично) во сеизмичките стандарди е дадена процедура и правила кои треба да се испочитуваат. Секако за овие објекти сеизмичките стандарди се повисоки отколку за објектите од пониски категории, тоа значи дека се потребни подетални истражувања, дефинирање на сеизмички параметри врз основа на изработени локални истражувања, подетални анализи и пресметки.

Фактор: Што покажуваат вашите контроли на терен, каде најчесто се греши или дали досега како Институт имате забрането да се гради некој објект поради неисполнети стандарди?

Шешов: Со измените на Законот на градење се воведе и контрола односно издавање на Мислење за изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата во тек на изградба на градбата и по изградба на целиот конструктивен систем на градбатакои ги издава ИЗИИС за објекти со површина поголема од 300м2.Овие мислења всушност контролираат дали проектот од “хартија„ во целост се применува и во фазата на градењена конструктивниот систем. Секако дека во сите оние случаи каде што се прекршуваат правилата и стандардите пропишани со законот за градење и соодветните технички прописи , ИЗИИС реагира и бара грешките да се корегираат и отстранат.

Фактор: Каде сме во однос на безбедноста на објектите и почитувањето на стандрадите во споредба со земјите од регионот?

Шешов: Иако не сум во целост запознат со почитувањето на техничките стандарди во сите земји од регионот , од многубројните научни собири и дискусии со колеги од соседството можам слободно да кажам дека Македонија има високо ниво на свесност кај инженерите кое обезбедува почитување на техничките стандарди. Секако дека постои простор за подобрување и подигнување на знаењето кај инженерите кое може да се постигне со постојана едукација и пратење на современите текови од развиените земји во областа на градежништвото.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ИНВЕСТИЦИЈА ОД 720 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ГОРИВО НА ИДНИНАТА: ЕУ инвестиција, а две европски земји го земаат најголемиот дел од колачот

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ПО ПРВИОТ БРАН ОТКАЗИ: Дали Тесла подготвува нов круг отпуштања, уште поголем?

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

ЕВЕ КОИ АВИОКОМПАНИИ СЕ ПОД ЛУПА: Европската асоцијација за заштита на потрошувачите пријавила 17 фирми до ЕК

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

Гаспром забележа нето загуба од 6,4 милијарди евра во 2023 година, прва во последните 14 години

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

НОВ СКОК НА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА ВО АПРИЛ - најскапо месото

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

ПАДНА СПОГОДБА - Џонсон и Џонсон ќе плати 6,475 милијарди долари по многубројните тужби за добиен рак од нивната пудра

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„ПЛАТАТА НА КЕЛНЕРИТЕ ВО ХРВАТСКА 1.200 ЕВРА, ВО АВСТРИЈА 3.000 ЕВРА“: ќе работат само луѓе од трети земји

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

„Да се напушти вештачкото надувување на капиталните инвестиции“: еве што велат економистите за изборните ветувања на партиите

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?

ПОРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Колку маслиново масло произведува Шпанија?