ФИЛИПЧЕ - во Кочани нема повредени со изгореници, петмина се на кислород заради вдишување чад
Објавено во: Македонија 03 Август, 2021
Министерот за здравство Венко Филипче доцна синоќа објави дека во пожарот во Кочани нема повредени со изгореници, но на десетина пациенти им била дадена лекарка помош поради вдишување чад, а од нив петмина се задржани во болница и примаат кислород.
„Медицинските екипи од Кочани и околните општини се целосно мобилизарани како и тимот од Клиниките во Скопје доколку е потребна интервенција. Нема повредени со изгореници во пожарот во Кочани. На десетина пациенти им била дадена лекарска помош поради вдишување на чад. Четворица од нив се пуштени дома, а петмина се задржани во болница и примаат кислородна терапија. За неколку часа ќе бидат испратени на домашно лекување.
Со претседателот на Владата Зоран Заев остануваме во Кочани цела ноќ, огнената стихија е локализирана, но будно ја следиме состојбата на терен и сме во целосна координација со сите екипи и институции“, напиша Филипче на фејсбук.
Претходно, жители на Кочани за „360 степени“ изјавија дека градот доживува кошмарна ноќ. Пожарот навлегува се подлабоко во населбите, а зачаден е целиот град.
Откако градоначалникот Николчо Илијев се пожалил дека Центарот за управување со кризи не им го испратил хеликоптерот за гаснење, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за „360 степени“ изјавил дека тие имаат надлежност околу ангажирањето на хеликоптерот за гаснење, но тој не може да лета ноќе, а и претходно гаснел на друга локација.
„Хеликоптерот беше во Старо Негоричане. Имаше многу сериозна ситуација кадешто имавме животозагрозувачки ситуации, за среќа нема повредени и нема загинати. И таму настрадаа неколку куќи во селото Кокино и уште едно село. Хеликоптерот не може да лета ноќе, тој е употреблив само преку ден“, информира Ангелов.
Од Дирекцијата за заштита и спасување на Фејсбук информираа дека по избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, ДЗС организирале итен состанок за мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС.