Филипче за коронавирусот: Чистете раце со средство со алкохол
Објавено во: Македонија 21 Февруари, 2020
Мијте ги рацете со сапун и вода или со средство за чистење раце што содржи алкохол, покривајте го носот и устата со марамче или со дланката при кашлање или кивање, ова се дел од препораките на Светската здравствена организација а кои денеска ги сподели министерот за здравство Венко Филипче.
„Избегнувајте близок контакт со некој што е очевидно настинат или има симптоми на вирус. При приготвување храна, месото или јајцата убаво термички да се обработат. Избегнувајте незаштитен контакт со диви или фармерски животни, пишува во препораките.
Инаку, бројот на нови случаи на коронавирусот во Кина продолжи денеска да се намалува. Потврдени се уште 889 случаи на заразени лица, во момент кога здравствените власти покажуваат оптимизам во однос на спречување на епидемијата, од која досега починаа повеќе од 2.200 луѓе и се шири низ други држави.