Добивај вести на Viber
Поплавени домови, откорнати дрвја, сообраќаен хаос предизвика невремето кое попладнево го зафати Скопје. Од Градот Скопје информираат дека екипите на Градот Скопје, на ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Паркови и зеленило“, ЈП „Комунална хигиена“ и на Противпожарната бригада веднаш излегле на терен за да ги санираат штетите.
Обилните врнежи повторно го поплавија подвозникот на булеварот Киро Глигоров. Иако пред само еден месец беше зголемен капацитетот на атмосферската канализација и беа поставени нови пумпи со капацитет од 72.000 литри вода во минута, подвозникот пак се поплави, а сообраќајот беше оневозможен. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ја исцрпуваат насобраната вода и подвозникот ќе биде прооден за сообраќај, најавуваат градските служби.
Екипите на Градот Скопје интервенираа и на улицата Финска во општината Гази Баба, се исцрпуваше водата и се расчистуваа паднатите дрвја. Градот Скопје ја следи состојбата и на други локации во Скопје.
Од УХМР и за утре најавуваат можност за невреме со силен дожд и грмотевици, а постепена стабилизација на времето се очекува од сабота.