Добивај вести на Viber
До вчера вечер, а на одредени места и утрово продолжија напорите за справување со последиците на вчерашното големо невреме што го зафати Скопје.
Се интервенираше на подзвозникот кај стоковната куќа „Мост“, на булеварот Алаксандар Македонски, на клучката кај хотелот „Континентал“, на булеварот Србија, на подвозникот на улицата Павел Шатев, во делови од општината Кисела Вода, на подвозникот на булеварот Киро Глигоров, на булеварот Гоце Делчев кај зградата на МРТВ, на улицата Финска во Маџари и во населбата Автокоманда.
Силното невреме вчера ги погоди источните делови од градот – општините Центар, Кисела Вода и Аеродром, дел од општината Чаир и општината Гази Баба. Во Градот Скопје се пријавени поплави во повеќе домови, при што на исцрпување на водата интервенираа екипи на ЈП „Водовод и канализација“ и на Противпожарната бригада.
Целосно се поплавени подрумските простории на средното училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром, пријавени се оштетувања на покривите на повеќе објекти - индивидуални куќи и згради во Кисела Вода и во Аеродром. Оштетени се и голем број автомобили. На повеќе локации во градот силниот ветер искрши и турна 39 дрвја, а искрши и многу гранки.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски со впечатливи жолти гумени чизми излезе на терен со екипите на јавните претпријатија и ги следеше активностите за расчистување на последиците од невремето на сите критични точки.
Од УХМР и за денеска повторно се најавуваат обилни врнежи од дожд, па екипите на Градот остануваат мобилни.