(ФОТО) Индустриската зона „Север“ се подготвува за гасификација
Објавено во: Македонија 04 Септември, 2014
Се проширува дистрибутивната гасоводна мрежа во општина Струмица. Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“ деновиве интензивно работи на подготовките за гасифицирање на индустриската зона „Север“.
Во моментов се копаат ровови и се ставаат гасоводни цевки. Со овие градежни зафати стартува третата планирана фаза од гасификацијата на општина Струмица.
Во 2012/2013 година се гасифицираа институциите под надлежност на општината, во 2013/2014 година на гасоводната мрежа беа приклучени првите домаќинства, кои влегоа во историјата како први корисници на гас во Република Македонија и сега стартува гасификацијата на индустриските објекти.
Досегашното искуство од користењето на природниот гас во општинските институции и домаќинствата ги потврди очекуваните придобивки од гасификацијата.
Струмица е прва системски гасифицирана општина во Република Македонија која благодетите од природниот гас почна да ги чувствува уште во ноември 2012 година.