Добивај вести на Viber
Градот Скопје денеска ги почна градежните работи за проширување на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае. Почетокот на градежните работи го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, премиерот Никола Груевски, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски.
„Почнуваме уште еден сложен градежен зафат кој ќе има позитивни придобивки за развој на овој дел од градот. На местото на постојната крстосница меѓу булеварот Партизански одреди и улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров во наредните денови ќе се формира нов кружен тек со дијаметар од 40 метри, односно коловоз од 9 метри, со заштитна патека од 1,5 метри и средишно зеленило. Кружниот тек ќе се состои од две сообраќајни ленти. По кружниот тек, гледано во насока кон Ѓорче Петров, булеварот Партизански одреди ќе се прошири до влезот во автобазата на ЈСП и ќе добие по три коловозни ленти во секоја насока, средишна жардиниера со ширина од 5 метри, а ќе се формираат и велосипедска патека со ширина од 2 метри и пешачка патека со ширина од 3 метри, покриени со бекатон-плочки. Ќе се обнови коловозот и на делот на булеварот Партизански одреди пред влезот во кружниот тек, како и делови од улиците Ацо Шопов и Ѓорче Петров. Булеварот Партизански одреди ќе се проширува во две фази“, појасни градоначалникот Трајановски.
Ова е првата фаза од градежните работи. Втората фаза ќе следува по експропријација на земјиштето и ќе го поврзе булеварот Партизански одреди со кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“. На проширениот дел од булеварот Партизански одреди и на кружниот тек ќе се постави ново осветлување. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек ќе се изгради атмосферска канализација. Градот Скопје во проектот за проширување на булеварот Партизански одреди кон Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек, ќе вложи 50,5 милиони денари.
Трајановски додаде дека градежните работи се очекува да завршат за 120 работни дена.
„Проширувањето на булеварот Партизански одреди со изградба на кружен тек ќе биде од голема корист за граѓаните што секојдневно ја користат оваа делница, ќе се скрати времето на задржување на семафор и ќе се намалат емисиите на издувни гасови од сообраќајот. Нашето досегашно искуство покажа дека за Скопје изградбата на кружни текови е идеално решение за намалување на сообраќајниот метеж“, нагласи градоначалникот Коце Трајановски.
На проширување на булеварот Партизански одреди кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со изградба на кружен тек кај Порта Влае ќе работат екипите на „Бауер БГ“.