Добивај вести на Viber
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска го потпиша решението за запирање на објавувањето на одлуката за донесувања на урбанистички план Градска четврт – локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало курило и Цвеќара и ДУП-от Тасино Чешмиче 1.
Решенијата Жерновски ги достави до претседавачот на Советот на општината и од овој момент почнува да тече рокот од 15 дена за закажување на нова седница на Советот на која спорните ДУП-ови повторно се ставаат на дневен ред.
Поради разногласието во стручната јавност и различните толкувања на Законот за локална самоуправа, градоначалникот Жерновски ќе се обрати до Претседателот на Собранието и ќе побара автентично толкување на Законот за локална самоуправа во овој дел.
Ова значи дека 4 институции севкупно ќе го третираат предметот: Советот на општина Центар, Министерството за локална самоуправа, Уставниот Суд и Собранието на РМ.
Одговарајќи на новинарски прашања, градоначалникот Жерновски појасни дека не знае како ќе гласа претседавачот на Советот, Мирослав Шиповиќ, на следната седница на која ќе се најдат ДУП-овите, бидејќи по чинот на гласањето на седницата во петокот, не бил во контакт со него.
Според Жерновски, согласно Уставот и законите, доколку Советот повторно ги изгласа ДУП-овите, тогаш градоначалникот ќе биде должен да ги потпише и да се обрати до Уставниот Суд.
Сепак тој не е оптимист во можната одлука на Уставниот Суд, ниту дека ажурно ќе одлучат за случајот. Затоа градоначалникот на Центар ќе побара времено решение да не се применуваат овие ДУП-ови.
Директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Ванчо Шехтански, претходно изјави дека градоначалникот на Центар може да стави вето, но одлуката треба да ја верификува локалниот инспекторат и дека, според Шехтански, одлуките на Советите се носат со просто мнозинство, освен ако во Законот за локална самоуправа децидно не е наведено за кои одлуки е потребно квалификувано мнозинство.
“Кој е тој Шехтански? Мислите на оној Шехтански кој пред извесен период пред основните училишта во Чаир, мафташе со документи и изјави дека нема да постојат таблите со нови имиња на училиштата. Сеуште ги гледам на истите места. Со тој човек немам намера да комуницирам преку медиумите“, одговори Жерновски.