ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ ВЛЕЗЕ ВО ДЕБАТАТА - во времето на Груевски излегоа многу книги дека македонското население е бугарско
Објавено во: Македонија 03 Мај, 2020
Љубчо Георгиевски, поранешен премиер на земјава и првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ влезе во полемиката која деновиве се води околу заедничката историја со Бугарија.
Тој во својот пост на фејсбук посочува дека во времето кога премиер на земјава беше Никола Груевски, македонската Влада била покровител на најмалку 70 книги, во кои според Георгиевски, се говори дека населението во Македонија е бугарско.
„Ајде уште еднаш да појаснам зошто очигледно некои луѓе потешко разбираат:
Во 2014 година во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ, премиер Никола Груевски, со пари од македонскиот буџет, Министерството за култура на Република Македонија објавува едиција ПРО Македонија во која во најмалку 70 книги пишува дека населението во Македонија е бугарско. Автори се војводи, комити, Илинденци и странски автори.
Паралелно со тоа Архивот на Македонија во време на ВМРО-ДПМНЕ додека е директор Зоран Тодоровски објавува уште најмалку 50 книги каде исто пишува дека населението во Македонија е бугарско.
Со овие документи за жал испаѓа дека во ВМРО-ДПМНЕ се најголемите платеници на бугарските служби“, пишува Љубчо Георгиевски.