Добивај вести на Viber
Германската KfW банка во соработка со институтот Зандер & партнери, а со идејна и финансиска поддршка од германското сојузно Министерство за економска соработка и развој, изработи ветерен атлас за Македонија и земјите од регионот.
Ветерниот атлас содржи мапи и податоци за ветерот и неговиот потенцијал за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, и тоа за временски период од 30 до 60 години. Во него се вклучени временски податоци за повеќе од 40.000 локации во облик на временски серии и резолуција од три километри, вклучувајќи ги просечната или максималната брзина и моќ на ветерот, ветерниот правец, температурата на воздухот, воздушниот притисок и соларното зрачење.
При изработка на овој атлас се обработени и внесени најдобрите расположливи податоци за ветер од различни временски модели, а со цел да се обезбеди оптимална евалуација за идниот ветерен парк.
Ветерниот атлас може да послужи за идентификација на области со најголем ветерен потенцијал, утврдување на ветерниот принос во текот на целиот животен циклус на еден ветерен парк, а анализите на долгорочни ветерни услови се од исклучително значење при пресметка на приходите во рамки на една инвестиција во ветерен парк.
KfW германската банка овој атлас го отстапува на располагање и користење на македонското Министерство за економија. Податоците од него треба да им послужат на разни производители, консултанти, финансиски институции и сите потенцијални инвеститори во проекти од ваков вид.
Важноста на одржливото и чисто снабдување со електрична енергија преку користење на обновливи извори е во постојан пораст. Значителен дел може да се остварува преку користење на енергијата на ветер. KfW во името на Германската сојузна влада ја поддржа изградбата на првиот ветерен парк во регионот, токму во Македонија, со приближнo 48 милиони евра.