19 Јануари, 2025
0.1368

ГОРАН ЈАНЕВ: Моќта е порок на човештвото, а алчноста на македонските политичари!

Објавено во: Македонија 24 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Партиите влегуваат во изборна кампања. Острата  реторика на вечните  политички ривали во македонскиот и албанскиот блок е очекувано да биде  неизоставен декор на политичката сцена. Во трката по гласови и обезбедување на сигурни позиции во законодавниот дом, политичарите забораваат на граѓаните кои ги користат  како инструмент за доаѓање на власт и до позиции на моќ- вели за Фактор, универзитетскиот професор Горан Јанев. Моќта според него е најголемиот порок на човештвото, но од неа посебно страдаат  македонските политичари. 

“Факт е дека прв пат со протечените аудиo снимки ги слушнавме во живо задкулисните договарања, преговарања, разговори и дискурсот, односно јазикот кој се користи, а со тоа го откриваме и самиот однос кон гласачите. Oна што запрепастува е дека сваќате дека сте само едно мало пиунче на една голема табла во нивните теснопартиски, партиски или лично лукративни интереси. Моќта корумпира сама по себе, нема поголем порок на човештвото од моќта. Алчноста е вродена лоша особина и треба да се разбива, односно да се развива отпор кон неа со воспитание и образование, со пракса, општествени односи базирани на солидарност, взаемно почитување и помагање. Но тоа во политиката не игра многу голема улога, нема да се стигне далеку ако се игра на таа карта. Прагматичните политичари го знаат тоа многу добро, затоа не ги интересира воопшто. Проблем е што се заборава човечноста”-вели професорот Јанев. 

Демократијата  според него е идеал, а она  што се  нарекува демократско уредување базирано на гола електорална демократија, не може да биде доволно. Ако имате право на избор да може да гласате, тоа, како што вели, не значи дека имате право да учествувате во политичкиот живот. Проблемот според Јанев е што  секаде се случува масовна и страшно успешно спроведена стратегија на деполитизирање на граѓанството.

“Ние постојано  зборуваме дека има премногу политика и се зборува само за политика. Не, ние не зборуваме за политика, туку за персонални решенија, за персонални грешки и однесувања, за личности, за партии. Не зборуваме за политика. Политика е дали е чиста улицата, дали е средена, дали имаме инфраструктура, дали е дозволиво во општина Карпош која е урбано организирана и планирана уште од шеесетите години да се продолжи со градба со ненормален ритам, да нема паркови и паркинг места. Или зошто во општина Центар е дозволена  таква густуна на население, што значи тоа за воздухот, за инфраструктурата, за паркинг место, за пристап на противпожарна служба. Тоа е политика”- потенцира Јанев.

Проблемот како што вели е што за демократијата се говори како за голем наратив, додека  личното живеење, снаоѓање, целиот дискурс и тежина стануваат обични стратегии за преживување. Политичките партии тука се појавуваат како обезбедувачи на услуги, контролори на општествените ресурси, како еден железничар кој ги пренасочува овие вагончиња со групни или лични потреби. И како такви стануваат дел од еден корумпиран систем на клиентелизам.

“Неопходно е да ги потсетиме и едните и другите за суштината на заедничкото општествено живеење. Забораваме дека треба да зборуваме за минорни мали нешта кои ни го чинат животот во заедницата. На пример, целосно е нарушена функцијата на јавното, заедничкото, здружното здравство. Уништувањето на она што значи заедница и општество е непрекинат процес во оваа земја под притисок на оние неолиберални политики кадешто заборавија политичарите кои се граѓаните. Мора да ги потсетиме дека тие не се само гласачи. Кога ќе ги сватите граѓаните само како гласачи се раѓа таа ароганција која ја чувме или ја сведочиме со години”- додава  универзитетскиот професор.

Кога живеете во ист град вели, вие имате исти проблеми, имате или немате градски превоз, средени плочници, хигиена, услови за живеење, ама како заедница. Според Јанев имаме два процеси кои во комбинација не доведоа до ваква незавидна состојба, партизација и клиентелизам.

“Партизацијата ја критикуваме најчесто. Корумпиран е системот од горе надоле, имаме партија која доаѓа на власт и го злоупотребува системот, ја зема цела моќ во свои раце и ги распоредува услугите на своето членство. Од друга страна забораваме дека имаме и членство кое учествува во тој процес од доле нагоре, а тоа е силно изразен клиентелизам, кое вели еве јас ќе ја земам вашата книшка, јас ќе бидам верен гласач но да ги вработам своите итн. Но во земја каде има невработеност која е најголем проблем за сите граѓани, во услови на сиромаштија, е уште полесно да го корумпирате граѓанството. Во таква спрега на корумпирано, осиромашено и подложно на корумпираност граѓанството, логично е да имате корумпирани односно первертирани политички сили кои кога ќе дојдат на власт ја зајакнуваат таа спрега и ја злоупотребуваат. Оттаму и ветувањата кои ќе следат ќе бидат во тој правец”-вели професорот по социјална антропологија.

Во следниот период очекува многу валкани игри, понуди на програми дочекани без очекувања бидејќи кај граѓаните има циничен однос кон тоа што е политика. Но, постои и страв од насилство и сведочиме на реперкусии од владеење без контрола, криминални препукувања, беснеење по булевари. Тоа вели  се последиците, а кога некој има премногу моќ може да ја злоупотреби. Македонија се претвори од перспективна демократија, граѓанска демократија во етнократија каде  демосот е заменет со етнос поради дефинирањето на граѓаните како етнички гласачки машини.

“Но да ја бараме причината за ваквиот развој и кај граѓаните, кај нивната свест - ако успеам да ги задоволам своите потреби преку тоа што ќе бидам поблизок до тие структури на моќ не значи дека на другите ќе им биде добро. И ние тоа го забораваме, но намерно, од егоистични нагони. Тоа мора да се промени. Бркањето на лични интереси преку политички партии е нешто што мора да го прекинеме. Се разбира не можете сами како Дон Кихот да бркате ветерници, за тоа е потребна една клима и атмосфера на взаемна доверба и на почит. Кога реков кога зборуваат за народ, забораваат на човекот. Треба да се сватиме и погледнеме како луѓе во очи. Она што е најголема замка во македонската демократија структурна и системска грешка во овие 25 години е што дозволивме да влеземе во замката на етничката  политика. Во зависност од тоа која е една или друга политичка партија во тие етнички блокови, имате нивни репрезенти кои ќе бидат спасители со мерки за заштита на национаните интереси и достоинство, ама тесно сватени етнонационални интереси”- објаснува универзитетскиот професор.

Во земјава како што вели има низа терминолошки забуни, за кои многу треба да учиме, потребно е да воведеме азбука на демократија за да имаме свесни граѓани. Политички неписмени граѓани се лесни за манипулација, а токму тоа, според него  е целта и идејата на политичките партии. Несомненa  е потребата од  растежот, подемот на идејата за граѓанство кое инсистира на одговорно владеење, а ние вели  имаме проблем на редефинирање на она што е суштина на еден политички систем.

Суверенитет на владеење и легитимитет на владеење

Суверен  владетел во демократиите  според универзитетскиот професор е граѓаниниот кој ја пренесува својата сувереност на некој политички реперезент кој ќе седне во Парламентот,  во Законодавниот дом и ќе го уредува општественото владеење. Политичката партија која ја водела таа идеја вели, номинира извршна власт која има обврска, а не привилегија, обврска не да ја ужива моќта,  туку да дава сервис и услуги на граѓаните, според определбите  коишто се договорени на демократски начин преку избори.

“Ние ова што го зборуваме може да се погледне како во огледало, односно обратна ситуација, политичката партија доаѓа на власт, има Парламент кој и служи да ги гласа законите и имаме неконтролирана власт. Третиот независен столб на демократско уредување - судството исто така  е партизиран, еве деновиве сведочиме за скандали, тепачки па можно е пред изборите да се формираат табори, стегите попуштаат поради свесност или поради страв, кариерски борби, позиционирање за во иднина или што и да е. Четвртата власт се медиумите но и тука забележуваме силно партиско влијание, со навијачки табори. Kај нас има чисто сервиси на политичките партии и тука е многу тешко во тој мал простор за слободно и независно новинарство да чуеме гласови кои размислуваат различно од овие рамки”- потенцира професорот.

Проблемот досега, но и во периодот кој следи  е што граѓаните се пасивни и не бараат одговорност од политичките елити, надлежните институции, партиите.

“Граѓанинот мора да се освести дека треба таа отчетност да ја бара секојдневно во континуитет од првиот ден кога ќе дојдат на власт и кога ќе се бара одговорност зошто се доцни со мерката, зошто се первертира, не се исполнува ветеното. Ние имаме проблем што демократски неписмени, необучени и неостручени луѓе се активни чинители на политичкиот живот. Нас ни треба целосно издигање на граѓанската свест и максимално впрегнување на интелектуалниот, односно сознајниот капацитет како се прават работите. При сериозно влошени економски услови имаме огромен одлив на млад обучен кадар. Се наоѓаме во маѓепсан круг  на надолна спирала, наместо да влечеме и да ги препознаеме квалитетите  и капацитетите за да се издигнеме како општество, а не како политички партии, ние го правиме спротивното, поради целосна партизација на општетсвеното живеење. Затоа, ако личниот интерес ни е пред заедницата, се поставува прашањето дали сме општествени битија или збирштина на егоисти. Тоа е клучно прашање. Политичките партии нема да се сменат додека притисокот не дојде од доле. Политичките партии немаат зошто да не ни ветуваат личен просперитет за да добијат гласови. Ние мораме да дојдеме до создавање на демократска зрела заедница”-порачува универзитетскиот професор.

Нам како што вели ни недостасува основната, човечка култура, чувство за припадност во заедница, чувство за почит еден кон друг. Без тоа нема демократско општество, а политичките партии се хранат од таа наша неетичност. А, без граѓанско делување и освестување само ќе им се олесни патот до пратеничките фотељи и во овој изборен процес.

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ДОБРО ВИДЕТЕ КОЈ Е, ПРЕД НЕКОМУ ДА ОТВОРИТЕ ВРАТА - еве како напаѓал и крадел 26-годишен скопјанец

ДОБРО ВИДЕТЕ КОЈ Е, ПРЕД НЕКОМУ ДА ОТВОРИТЕ ВРАТА - еве како напаѓал и крадел 26-годишен скопјанец

МНОГУ ТАЖНА ВЕСТ: Почина 17 годишното дете кое настрада од струен удар додека се снимало на вагон од цистерна

МНОГУ ТАЖНА ВЕСТ: Почина 17 годишното дете кое настрада од струен удар додека се снимало на вагон од цистерна

МВР ЗАСЕГА СО ДОЗИРАНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КРИМИНАЛНАТА ГРУПА ШТО ПРОДАВАЛА ДРОГА - ќе се поднесе кривична пријава против 14 лица

МВР ЗАСЕГА СО ДОЗИРАНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КРИМИНАЛНАТА ГРУПА ШТО ПРОДАВАЛА ДРОГА - ќе се поднесе кривична пријава против 14 лица

„ОВОЈ ПРАЗНИК ПОЧНА ДА СЕ СЛАВИ КАКО ДРЖАВЕН И НЕРАБОТЕН ВО ВРЕМЕ НА ВЛАДАТА КОЈА ЈА ПРЕДВОДЕВ“ - се огласи Никола Груевски

„ОВОЈ ПРАЗНИК ПОЧНА ДА СЕ СЛАВИ КАКО ДРЖАВЕН И НЕРАБОТЕН ВО ВРЕМЕ НА ВЛАДАТА КОЈА ЈА ПРЕДВОДЕВ“ - се огласи Никола Груевски

„НЕ КОНЗУМИРАЈТЕ АЛКОХОЛ, ПРВО МАЛКУ РАЗГОЛЕТЕ ГО ТЕЛОТО“ - неколку совети за оние што ќе скокаат по крстот

„НЕ КОНЗУМИРАЈТЕ АЛКОХОЛ, ПРВО МАЛКУ РАЗГОЛЕТЕ ГО ТЕЛОТО“ - неколку совети за оние што ќе скокаат по крстот

СОПСТВЕНИЧКА НА ПОЗНАТ БУТИК ЗА МОДА ОБЈАВИ ФОТОГРАФИИ - „За инает ми го изгореа дуќанот и два стана“

СОПСТВЕНИЧКА НА ПОЗНАТ БУТИК ЗА МОДА ОБЈАВИ ФОТОГРАФИИ - „За инает ми го изгореа дуќанот и два стана“

ВАКА ИЗГЛЕДА НОЌНОТО СКИЈАЊЕ ВО СКИ-ЦЕНТАРОТ МИХАЈЛОВО - градоначалникот Јанчев со покана до туристите

ВАКА ИЗГЛЕДА НОЌНОТО СКИЈАЊЕ ВО СКИ-ЦЕНТАРОТ МИХАЈЛОВО - градоначалникот Јанчев со покана до туристите

МУ ГО ОГРАБИЛЕ АВТОМОБИЛОТ НА БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН ВО СКОПЈЕ - осомничени се двајца скопјани, еве што му било одземено

МУ ГО ОГРАБИЛЕ АВТОМОБИЛОТ НА БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН ВО СКОПЈЕ - осомничени се двајца скопјани, еве што му било одземено

ЕВЕ КАДЕ СЕ СЛИКАЛ ШТЕКЛИ ПРЕД ДА БИДЕ УАПСЕН - прошета многу локации, а не се ни обидуваше да се скрие од јавноста

ЕВЕ КАДЕ СЕ СЛИКАЛ ШТЕКЛИ ПРЕД ДА БИДЕ УАПСЕН - прошета многу локации, а не се ни обидуваше да се скрие од јавноста