Добивај вести на Viber
Опозицискиот СДСМ настојува да ја замајува јавноста со одредени невистини за тоа како се трошат парите на граѓаните, реагира Градот Скопје на пресконференцијата на која социјалдемократите обвинија дека исти споменици се подаруваат по два пати.
„Факт е дека петте споменици што се планира во наредниот период да се постават во Скопје се донација од Здружение на граѓани. Во согласност со тоа, тие немаат никаква врска со трошењето буџетски средства од Град Скопје или како што Вие милувате да кажете „пари на граѓаните“. Сакаме да нагласиме дека Градот Скопје од својот буџет нема да издвои ниту еден денар за поставување на овие споменици. Сметаме дека е време да престанете со конструирањето лаги и пласирањето заговори пред јавноста во врска со тоа кој го финансира поставувањето спомен-обележја на значајни дејци од македонската историја“, стои во соопштението на Градот.
Притоа, Градот Скопје тврди дека јавно и транспарентно објавува пред граѓаните колку чини секој проект што го спроведува, а капиталните проекти „не се тајна и не се скриени, туку се гледаат на терен, додека позитивните придобивки од нив ги чувствуваат сите граѓани и посетители на Скопје“.
Во соопштението не се изнесуваат информации по обвинувањето на СДСМ дека петте споменици што сега ќе ги поставува Градот, всушност пред две години и биле подарени на општина Центар, но од тогаш не се поставени.