Град во Италија забранува продажба на ќебапи и брза храна
Објавено во: Свет 06 Мај, 2017
Градските власти на Венеција забранија отворање нови ресторани за брза храна, со цел да се зачува идентитетот на градот и неговата традиција.
Законот кој неодамна беше усвоен ќе го ограничи бројот на локали кои продаваат пица на парче и нема да биде применуван единствено на слаткарниците кои продаваат домашен сладолед.
„Сакаме да ги запреме активностите кои не се во склад со зачувувањето и развојот на културното наследство“- вели Паола Мар, директорка на Туристичката организација на Венеција, пренесува Гардијан.
Според неа, Венеција не се противи на ќебапите или другите видови брза храна и нема проблем со тоа луѓето да јадат на улица, иако конзумирањето храна за носење е забрането на плоштадот Свети Марко.
„Проблемот е што кога станува збор за туристички град како нашиот, постои опасност да го изгуби својот идентитет. Постојат локални производи кои мораме да ги промовираме“- додава Мар.
Венеција е последниот во низата италијански градови кои се решија на сличен чекор за да ја зачуваат домашната кујна. Пред овој град Верона го ограничи бројот на ресторани кои продаваат ќебапи. Градот Фиренца презеде мерки за поттикнување на продажбата на локални производи.
Венеција можно е наскоро да наплаќа за влез на плоштадот со цел да се зголемат приходите од туризам.