Добивај вести на Viber
Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска го обвини неговиот „колега“ од општина Центар Андреј Жерновски дека се обидува да предизвика инциденти во неговата општина.
Според информациите што ги изнесе Јакимовски, лицето кое лажно се претставувало како новинар на „Вечер“ на седницата за задолжување на општина Карпош, всушност било вработено во општина Центар.
„Името на натрапникот е Никола Савовски. Тој работи во паркинзите на Општината Центар, каде се вработени и неговите родители, и против него ќе биде поднесена кривична пријава“, рече Јакимовски.
Токму исфрлањето на ова лице од седницата на која се расправаше за долгот на општина Карпош предизвика инцидент меѓу советниците на мнозинството на Стевчо Јакимоски и оние на опозицијата - СДСМ.
„Жерновски се спушта под нивото на кукавица и снесува јајца во туѓи дворови. Уште еднаш ја покажа својата неколегијалност и некоректност“, додаде градоначалникот на Карпош.
Од советничката група на СДСМ во Карпош тврдат дека не го познавале Савовски, и додаваат дека со инцидентот всушност се кријат задолжувањата на општината кои не се одобрени од граѓаните.
„Јакимовски по теркот на Никола Груевски, на седницата на Советот на општина Карпош, на којашто беше ставена точката за ново задолжување, направи инцидент со цел да го покрие милионското задолжување. Фактот што останува е дека Јакимовски ги задолжи граѓаните со нови 2.5 милиони евра!“, соопшти СДСМ.
Градоначалникот Жерновски демантира каква и да е поврзаност со инцидентот и вели дека кога би испраќал некој да шпионира, тоа би го правел во успешни општини.
„Прв пат слушам за таков настан во Општина Карпош. Не е мој стил да праќам човек да врши некаков надзор. Вокабуларот на мојот колега од Карпош е познат, тоа е за него својствено. Но едно можам да кажам - ако воопшто ми падне на памет да пратам човек да анализира нечија работа, тоа сигурно би било во општина која што функционира добро. Не знам зошто би пратил човек да анализира или да шпинунира општина која е позната во Македонија по долгови. Колку што дознавме Карпош должи 11,5 милиони евра“, изјави Жерновски.