Градоначалникот на Гази Баба од Инфективна: Се надевам дека секој од нас тука брзо ќе ја добие битката
Објавено во: Македонија 13 Јуни, 2020
Борис Георгиевски, градоначалникот на Гази Баба, на својот профил на Фејсбук од Клиниката за инфективни болести, каде што е хоспитализиран откако неговиот тест на Ковид-19 се покажа како позитивен, посака сите пациент што се со него заедно што е можно побргу да оздрават.
„Искрена благодарност за грижата до сите кои се јавувате и ми пишувате мене или на моето семејство. Со огромна посветеност и пожртвуваност на докторите и сите медицински лица се надевам дека секој од нас тука многу брзо ќе ја добие битката со коронавирусот.
За жал, ги читам и малициозните информации и лаги кои некои портали ги објавуваат. Ве замолувам да не им се лутите и да не им земате за зло.
Да останеме сплотени бидејќи само на тој начин ќе успееме како општество да ја добиеме битката со ова зло наречено коронавирус. Јас и понатаму ќе ги следам препораките на лекарите и ќе постапувам согласно нивните насоки“, објави Георгиевски.
Тој додаде дека општината која што ја раководи ќе продолжи да функционира без измени во управувањето.
„Општина Гази Баба и целиот тим продолжува тековно да функционира бидејќи потребите на моите сограѓани остануваат секогаш приоритет и за мене и за Општината. Ви благодарам уште еднаш и се гледаме наскоро!“, напиша градоначалникот.