19 Мај, 2024
0.0289

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЉУБЉАНА ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ФАКТОР - каков е рецептот една метропола да стане чист и зелен град - ЈАНКОВИЌ СО ПОДДРШКА ЗА ШИЛЕГОВ

Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, кој четврти мандат по ред е прв човек на главниот град на Словенија, ексклузивно за Фактор проговори за неговото долгогодишно управување со градот, и како му успеа да го направи светска метропола и целосно квалитетно место за живеење. Покрај потребата од јасна визија, во интервју за Фактор тој нагласува дека е потребен и одличен тим за да се биде успшешен градски татко. Јанковиќ посочува дека со актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов, кој сега се натпреварува за уште еден мандат, имаат одлична соработка, и тој лично му изразува поддршка за изборите. Смета дека секој град има своја специфика, поради што не дава конкретни совети како треба да се управува, а за изборот на новиот прв човек на метрополата, треба да си одлучат граѓаните. Она што, сепак, ексклузивно го открива за Фактор, е како Љубљана успеа драматично да ја намали загаденоста на воздухот, и покрај специфичната местоположба, и да добива постојано признанија за еден од најчистите и најзелените градови во Европа и светот.

Љубљана често е прогласувана според европските рангирања за најдобар, најчист и најзелен град. Како се постигнува тоа?

Јанковиќ: Во Љубљана, ние веќе во 2007 година развивме визија за развој до 2025 година, која се заснова на одржливост. Во тој контекст беа реализирани сите проекти што ги реализиравме во тој период и кои го подигнуваат квалитетот на животот на нашите граѓани, а ги има повеќе од 2.200. Во моментов работиме 170 проекти. Секогаш велам дека Љубљана е зелен, чист, безбеден и гостопримлив град, каде различни луѓе живеат заедно во меѓусебна почит, на што сме многу горди. Горди сме и на фактот што Европската Комисија не прогласи за Зелена престолнина на Европа во 2016 година, каде особено укажа дека за кратко време постигнавме големи промени кои беа зацртани во веќе споменатата визија. Неодамна добивме уште едно меѓународно признание - прогласени сме за најдобра зелена престолнина во Европа. Сите овие признанија и награди се потврда дека сме на вистинскиот пат, а воедно и обврска да истраеме. Со најдобриот тим на соработници што го имам, не е тешко да се постигне. Значи, покрај потребата да се има јасно дефинирана цел и визија, неопходно е да се има и одличен тим, кој ги реализира овие идеи. Се гордеам со нив.

Во недела кај нас се одржува вториот круг од локалните избори, кога скопјани, меѓу другото, треба да изберат меѓу актуелниот градоначалник и кандидатката на опозицијата, која доби предност во првиот круг. Што би му предложиле на новиот градоначалник на Скопје, без разлика кој ќе дојде на таа функција? Што мислите, која би била најважната задача со која треба да се справуваат?

Јанковиќ: Секој град е специфичен и јас лично не делам совети на никого, бидејќи секој градоначалник најдобро знае што е добро за градот и неговите граѓани. Но, ние секогаш сме подготвени да ги споделиме нашите искуства и знаења со секој што ги сака, што и го правиме. Со актуелниот градоначалник Петре Шилегов соработуваме одлично, и јас лично му изразив поддршка за овие избори, а за исходот ќе одлучат граѓаните. Секогаш треба да се има предвид дека сме во служба на граѓаните, кои треба да знаат да слушаат и да им го понудат најдоброто.

Како долгогодишен градски татко на Љубљана, кој е вашиот рецепт за почист воздух и како да се детектираат и оневозможат клучните загадувачи?

Јанковиќ: Многу градови денес се соочуваат со проблемот на чист воздух. Љубљана лежи во долина и токму поради нејзината географска положба, воздухот понекогаш не може доволно да циркулира. Ако ја земеме предвид близината на бајпасот и поединечните ложишта, тоа дополнително влијае на послабиот воздух. За среќа, немаме тешка индустрија која би била уште поголем загадувач. Сепак, во Љубљана воведовме мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Па така, во делот на некогашната главна сообраќајна артерија во центарот на градот, Словенска цеста, го забранивме автомобилскиот сообраќај и дозволивме превоз само со автобуси, од кои повеќето сообраќаат на метан. Тоа воедно стана и простор кој заеднички го користат пешаците, велосипедистите и автобусите, па тие мора да внимаваат едни за други. Мерењата покажаа дека концентрациите на црн јаглерод во оваа област се намалени за цели 70 отсто, без да се зголемат на околните патишта. Воедно, го ограничивме моторниот сообраќај во центарот на градот, со што добивме голема еколошка зона од повеќе од 12 ха, каде на моторните возила им е дозволен пристап поради испорака само наутро, од 6 до 10 часот. Тоа подрачје сега е голема дневна соба на градот, каде што се одржуваат различни културни, социјални и спортски настани. Со цел дополнително да го намалиме притисокот на автомобилите врз градот, изградивме шест паркинзи P + R за моторни возила, каде што посетителите можат да ги паркираат своите возила и да го продолжат патувањето со локален автобус или велосипед од системот за изнајмување, што е многу популарен во Љубљана, а притоа и првиот час возење е бесплатен. Кога реновираме, градиме или реконструираме патишта, садиме нови дрвја секаде каде што е тоа можно, така што во последната година засадивме околу 1.000 дрвја, а за сето ова време вкупно околу 41.000. Тука се опфатени и дрвјата во новосоздадените паркови, плоштади, овоштарници... Некогаш деградираните површини ги реорганизиравме во нови зелени површини, од кои 560 м2 по жител има во Љубљана, која е на самиот врв на Европа. Тоа се сите мерки што сакаме да го подобриме квалитетот на воздухот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

„Ќе одговараш, страшно ќе одговараш”: 57 годишен маж од Богданци вербално ѝ се заканувал на Кацарска во сред Центар, доби кривична

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

Трагедија во Штип: Едно лице почина, а друго се бори за живот по повреди добиени во лифт во угостителски објект

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

По три часа состанчење ДУИ одлучи: Еве со кој ќе го формираат ставот за прегласувањетo на одредени избирачки места

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Каде ќе се прегласува во среда, а кој колку мандати освои: ДИК официјално

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

Градоначалник доби кривична: Незаконски располагал со буџетски средства за време на избори

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

ШТО ЛИ ЌЕ СЕ ДИСКУТИРА: Претседателството на ДУИ ќе состанчи попладнево

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Се вози без возачка, се „лета“ на црвено, се зборува на мобилен: МВР казнува низ Скопје

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Тошковски: Лишен од слобода виш аналитичар во СВР Скопје, фатен со над 10 илјади евра од сторена измама

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“