Граѓаните на Виница на Мицкоски се пожалиле за поскапиот леб, акцизата, даноците
Објавено во: Македонија 15 Декември, 2018
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа ја посети Виница, од каде што порача дека граѓаните се незадоволни од власта.
Му се пожалиле дека лебот поскапе, се воведе акциза за горива, сега ги покачуваат даноците, а сиромаштијата се зголемува. Парите помалку вредат, и се живее тешко.
„Земјоделците се разочарани бидејќи немаат поддршка во земјоделието. Виница е раселен град. Нема семејство, нема куќа од каде некој не е иселен. Тоа е така затоа што во градот не ја гледаат иднината. Поразителен факт за нашата земја. Згора на тоа ја обезличуваат земјата. Го менуваат Уставот со цел да го променат името. Ја валкаат и се откажуваат од нашата историја, а ја коцкаат нашата иднина. Но, премиерот и Владата наместо да нудат решенија, тие се занимаваат со политички прогони и притисоци. Тие не сакаат да се знае вистината. Ова се работите за кои Заев не сака да се збори“, вели Мицкоски.
Тој смета дека токму поради овие причини, премиерот Зоран Заев бега од ТВ дуел.