Грчки гувернер не сака да ги промени таблите со уставното име на Македонија
Објавено во: Македонија 18 Февруари, 2019
Регионалниот грчки гувернер, под чија управа се Солун, Халкидики, Кукуп, Серес и други области, Апостолос Ѕиѕикостас, во разговор во утринска програма порача дека нема да ги промени таблите со патокази кои водат кон Македонија.
Како што рече гувернерот на регионот Централна Македонија, нема намера да го почитува Преспанскиот договор, според кој знаците кои досега беа именувани со „Скопје“ треба да се заменат со „Северна Македонија“.
„Сакам да бидам јасен: Знаците на улиците во регионот Централна Македонија нема да се променат. Додека сум регионален шеф, на знаците ќе пишува ‘Скопје’, а не ‘Северна Македонија’, штом соседите избираат име кое не им припаѓа. За мене тие беа и ќе останат ‘Скопје’“, рече Ѕиѕикостас во разговорот со телевизија „Скај“.
Политичарото од редовите на Нова Демократија е на својата функција од 2013-та и рече дека „нема да подлегне на притисоците од централната власт за почитување на Преспанскиот договор“.