Грците мака мачат за вработување - секој втор дипломиран чека 3 години
Објавено во: Економија, Балкан 18 Октомври, 2016
И образованите Грци тешко доаѓаат до работа.
Секој втор Грк со завршен факултет не може да најде работа во првите три години по дипломирањето. Ова го покажа истражување на Евростат.
Според истражувањето, како што јави дописникот на МИА од Атина, Грција е на последно место меѓу земјите-членки на Европската унија, со само 49,9% од дипломирани студенти кои наоѓаат работа во рок од три години, откако ќе дипломираат.
Малта е на прво место на листата, со 96,9% од дипломирани кои се вработуваат веднаш по завршувањето на факултетот. Следуваат Германија и Шведска со 93,3 и 90,9%.
Економистите објаснуваат дека причината не е во тоа што Грција произведува повеќе дипломци, отколку што е потребно, туку дека нема доволно фирми и странски инвестиции, кои би ги вработиле дипломираните студенти.
Вкупната невработеност се објаснува со бавниот раст и недостигот на државни и приватни инвестиции, како последица од економската криза која од 2010 година ја зафати Грција.
Грција и Италија се меѓу земјите со највеќе невработени во ЕУ.Во Грција има повеќе од милион невработени лица.