Хан доаѓа во Скопје, со лидерите ќе разговара за изборите и реформите
Објавено во: Македонија 06 Октомври, 2016
Еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, на 14-ти октомври доаѓа во Скопје при што се предвидени средби за организацијата на предвремените избори во декември и спроведување на итните реформски приоритети.
Ова за МИА го потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, потврдувајќи дека првиот човек за проширување на Европска унија ќе дојде два дена по предвиденото распуштање на Собранието со цел организирање на изборите на 11 декември. „Ние можеме да потврдиме дека комесарот Хан ќе отпатува во Скопје следниот петок на 14 октомври. При оваа посета, тој ќе се состане со претставниците на четирите најголеми политички партии во земјата, со специјалниот обвинител и со претставници на граѓанското општество. Обемот на мисијата ќе биде дискусии за состојбите во земјата, особено на организацијата на изборите во декември, како и спроведувањето на итните реформски приоритети“ - изјави Коцијанчич за МИА. Како гарантор на Пржинскиот договор што меѓу четирите политички партии во Македонија беше постигнат во јуни/јули лани, а надграден на 31 август оваа година, комесарот Хан сака да се увери дека договорот ќе се почитува во земјата и дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 11 декември и истите да стават крај на долготрајната македонска политичка криза. Хан во повеќе наврати претходно се сретна со лидерите во земјава и разговараше за решавање на кризата.