26 Април, 2024
0.0319

И економијата бара влада без Груевски

Објавено во: Економија, Колумни 03 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

И покрај разобличувањето на политиките, разголувањето на системот на управување и губењето на подршката од народот, Груевски без срам и перде со новогодишна честитка до граѓаните. Секаде имало турбуленциии, па така и кај нас, но секаде ќе се решеле во новата година, па  и во нашата земја (до гуша во кал)  се’ќе си дошло  на свое место. Да не беше трагично, ќе беше смешно. Човекот кој е во целост демаскиран како автократ и осомничен за различни незаконитости во вршењето на власта зборува за нормална и, уште повеќе, за светла иднина. Не сфаќа дека со тие квалификативи, во нормални земји,  целосно се исклучува можноста тој и неговата партија да учествуваат во извршната власт од која се очекува да го отпочне разрешувањето на кризата.

Не дека тој нема право да се обиде да дојде на власт, но приклучувањето на другите партии  да формираат влада со него и неговата партија значи нивно соучешништво во продолжувањето на погубните економски политики, со кои само ќе тонеме во безизлез. Неодговорно е да се правиме недоветни дека не слушаме  што кажува тој. За него се’уште е проблем само политичката криза, за која е виновна опозицијата.

Човекот кој сега се обидува  да формира влада не зборува за економка криза. А токму таа криза почна пред осум години, кога Груевски беше на власт и кога економијата падна во рецесија (-0,4%). Претходните неколку години земјата остваруваше стапки на економски раст од 4,7% до 6,5% годишно (без буџетски дефицити). Оттогаш, буџетскиот дефицит се зголемува постојано, па во 2014 година изнесуваше 4,2% од БДП. Врз основа на тоа постојано се зголемуваше и јавниот долг на државата, а стапките на раст  на БДП осцилираа,  од рецесија (-0,5%) во 2012 година до 3,7% во 2015 година, за да ланската година ја завршиме со 2,2%. 

Денеска е повеќе од очигледно дека урнисувањето на економијата почна со интензивниот пораст на долговите користени, пред се’, за финасирање на невидениот популизам и без изградена стратегија на одржлив развој, во пазарни услови на стопанисување. Со Груевски во владата, овој концепт ќе продолжи, а кризата уште повеќе ќе се влоши. Веќе сега плаќаме околу 150 милиони евра камати на долговите, малку помалку отколку што изнесуваат странските директни инвестиции. А и цената на позајмувањето на нови средства за да ги враќаме старите обврски се зголемува.  Со тоа, уште повеќе ни се подјадуваат основите на идниот развој на земјата.

Клучен момент е заинтересираните за пресврт во развојот на Македонија  да се обединат во изборот на влада која ќе ги прекине досегашните политики и практика на досегашната власт. Во тоа е единствената шанса за пресврт во економијата. Земјата мора да го надмине  волунтаристичкиот популизам  и да се врати на принципите на пазарно стопанисување, поддржани со соодветни државни интервенции. А за тоа е неопходно да се изгради долгорочна стартегија за развој на земјата. Таа треба да биде ориентир на претприемачите и менаџерите во  развојот на фирмите. Без тоа, потенцијалните претприемачи не можат да се впуштат во реализација на инвестициони проекти, а менаџерите имаат проблеми во  планирањето на развојот на постојните фирми.

Во овој контекст треба да се преиспита и начинот на привлекување на странски директни инвестиции, особено секторите во кои можат да вложуваат. Што да градат домашните претприемачи и менаџери, кога на странците им се обезбедуваат многу поповолни услови и за капацитети кои без проблеми можат да ги изградат  и со нив да стопанисуваат и домашните бизнисмени? Да не зборуваме за субвенционирањето на придонесите од платите на вработените во ТИРЗ-овите. Комплетно економски неоправдан е потегот со буџетски пари на домашните бизнисмени да им се создава нелојална конкуренција.

А проблемот со нередовното исполнување на обврските на државата спрема домашните бизнисмени? Тоа прашање неможат да го решат тие што го произведоа проблемот, владата  да е најголем работодавач во државата и  најголем должник во економијата. Оваа отворена рана може да ја затвори единствено реформска влада.  Со донесување на одлука државните органи и институции во рок од 15-30 дена да ги исплатат достасаните обврски спрема доверителите со цел да им се подобри ликвидноста и да почнат да размислуват за развој. Ова е  потегот од кој почнува средувањето на буџетската потрошувачка и упристојувањето на државата, во рамките на нејзините функции  на пазарно стопанство. Но, тој е едноставен и изводлив само доколку имаш здрави институции, квалитетна монетарна политика, ниско ниво на корупција, општествени квалитети кои груевистите ги фрлија во заборав, со цел да владеат „незаборавно“.

И како вели Груевски, економијата не била загрозена, имало само политичка криза наметната од опозицијата! Тој уште не може да види дека токму проблемите во економијата, особено ниската стапка на раст, стагнацијата на растот на платите и порастот на јавниот долг, следени и од криминогени активности на луѓе од врвот на власта, ја предизвикаа и заострија политичката криза. Масовното прислушување на политичари, бизнисмени, новинари и партизирањето на државата се само во функција на поефикасното остварување на нивните лични  и групни  интереси. Затоа, тој што нелегално прислушува , нема легитимитет да формира нова влада , а уште помалку да нуди решенија за проблеми кој лично тој и неговите „пајташи“ ги создадоа. Легалитетот ти го дава правото, но немањето легитимитет ти ја одзима силата и да составуваш нова влада и да ја вршиш власта. Кај нас по 11 декември народот јасно покажа што очекува од идната влада. Тој сака промени и во политиката и во економијата, кои на груевистите не им се по воља. Тоа значи промените не смеат да се заобиколат и затоа објективно гледано, нема простор од калта да не вадат тие што не заглавија во неа.

д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина