И покрај препораките на ЕЕЗ: Компании ги чуваат македонските нафтени резерви за без пари
Објавено во: Економија 06 Февруари, 2019
Ќе се донесат ли конечно подзаконските акти со кои државата треба да го регулира надоместокот кој треба да им го плаќа на приватните компании за чувањето на нафтените резерви. Во Министерството за финансии има работна група која работи на таа проблематика. Во меѓувреме, како што веќе пишувавме, со последните законски измени кои веќе влегоа во сила, државата не го регулираше ова прашање. Со измените на Законот за задолжителни нафтени резерви, за една година или до 2020 година се пролонгира плаќањето на надоместокот кон Окта, Макпетрол и Лукоил, компании кои ги чуваат резервите без за тоа да добијат ниту денар.
Проблемот не е нов, но во последниот период расте револтот кај нафтените компании затоа што плаќањето на надоместокот се пролонгира неколкупати, неколку години по ред. Во меѓувреме, државата наплатува од граѓаните за секој купен литар гориво и трошок за нафтените резерви.
Фактор веќе пишуваше дека според методологијата за пресметка на цените на горивата, потрошувачите плаќаат по 0,3 денари за секој купен литар дизел и по 0,89 денари за секој купен литар бензин за надоместок за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати. Од Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта не соопштуват точно колку пари се собираат по оваа основа, но според процените на познавачите, оваа сума надминува осум милиони евра.
По неколкуратното одложување,нафтените компании очекуваа дел од овие средства да се искористат за да се покријат нивните трошоци за чување на резервите. Тврдат дека оваа практика е некоректна и дека ја одржаува нелојалната конкуренција. Во неколку наврати се закануваа дури и дека ако не се најде решение, повеќе нема да купуваат нафта од резервите односно нема да се јавуваат на тендерите што ги објавува Дирекцијата.
Инаку во Европската Унија, но и во земјите од соседството, ова не е случај и нафтените компании кои ги чуваат резервите земаат надомест за услугата. На компаниите во земјава не им се наплатува, а според нивни пресметки, тие годишно трошат од три до четири милиони евра за чување на резервите.
Во моментов, на сила сеуште е Уредбата за утврдување на висината на надоместокот за чување и евапорација на задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати, според која за складирање, чување и обновување на нафтените деривати од задолжителните резерви како надомест на трговските друштва се смета остварениот приход од користењето за сопствени потреби на најмногу 30 отсто по дериват од задолжителните резерви, во тековната година, со обврска таа количина да биде во целост надоместена заклучно до 31-ви декември секоја година.
За да се плаќа надомест треба да се донесе нова уредба за утврдување на висината на надоместокот за чување и евапорација на резервите на предлог на Министерството за финансии.
Инаку за ваквата ситуација каде чуварите на нафтените резерви не добиваат ниту денар за услугата која ја вршат, а истата е исклучително одговорна и бара ангажман на човечки и финансиски капитал, Македонија веќе беше укорена од Европската енергетска заедница во ланскиот извештај.
Во својот извештај за Македонија, ЕЕЗ, регулаторот кој го следи процесот на исполнување на енергетските препораки на ЕУ, забележува дека земјава доцни со легислативата и го критикува односот на властите кон проблемот со државните нафтени резерви. Токму игнорирањето на европските енергетски директиви беше повод за сериозни несогласувања меѓу минатата власт и ЕЕЗ, која неколкупати се закануваше и со санкции за Македонија поради неисполнување на препораките.
А.Т.