Добивај вести на Viber
На површина од речиси 10 хектари, во близина на двете граници со Бугарија и Грција и поврзана со регионалниот пат Струмица-Радовиш започна да се гради новата радовишка индустриска зона. Ќе чини 11 милиони евра. Ќе располага со пет парцели - четири за производни капацитети и една за изградба на административна зграда, а во иднина постојат можности за нејзино проширување.
Технолошко-индустриските развојни зони и активностите на Владата за привлекување странски инвеститори даваат резултати, уверен е премиерот Никола Груевски, кој го постави камен-темелникот на зоната.
За три години во економските зони во земјава се вработени повеќе од 3.500 луѓе. Или, ако во 2012 година во зоните имало 1.270 вработени, минатата година е завршена со 2.500 вработени, а оваа година само во компаниите позиционирани во зоните ќе работат над 3.500 луѓе.
„Од вкупно основаните 13 зони во државата во моментот Скопје 1, Скопје 2 и Штип се инфраструктурно и оперативно подготвени како локации и таму се стремиме да ги задоволиме барањата на инвеститорите. Во овие зони се сместени преработувачките капацитети на ’Џонсон мети‘, ’Џонсон контролс‘, ’Кемекс електорник‘, ’Технохозе‘..., а до крајот на летото и почетокот на есента ќе се започне со изградба на капацитетите како ’Диатек енергија‘, ’Техникал текстил‘ и ’Монтанте‘“, вели првиот човек на ТИРЗ Виктор Мизо.
Продолжуваат и работите на зоните во Прилеп, Струмица, Гевгелија, Кичево и Струга во кои наскоро треба да се сместат најавените преработувачки капацитети.