09 Октомври, 2024
0.0250

ИНТЕРВЈУ АНА ЈОВКОВСКА: Не е важно колку луѓе те знаат, туку по што ќе те паметат

Објавено во: Стил 30 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Се ќе направам своето дете да го воспитам во добар и чесен човек и да не дозволам контаминираната средина да го стори тоа наместо мене во обратен, лош правец. Децата се жртви на родителите кои немаат доволно време за љубов и игра со нив, вели познатата новинарка и авторка која на 12 април во клуб-ресторанот МКЦ ќе ја промовира нејзината втора книга „Ехо на слободата“- вели Ана Јовсковска

Новото дело на Ана Јовковска е природно надоврзување на претходното „Пулсот и времето“ објавено пред точно три години. „Ехо на слободата“ е збирка на дијалози, интервјуа со значајни имиња претежно од сферата на културата. Книгата која е издание на „ТРИ“ и е поддржана од Министерството за култура ќе биде претставена на 12 април во клуб-ресторанот МКЦ во 20 часот. Промоцијата е замислена како мултимедијален настан.

Женски Магазин * Има една стара поучна приказна во која таткото му објаснува на синот дека ехото всушност е живот. Дека животот секогаш ти го враќа тоа што го даваш. Дали „Ехо на слободата“ е Вашата бунтовност за слободен живот, толку потребен во овој суров свет?

Ана - Да. Животот ти го дава тоа за што ќе се вложиш. Ехото е бумеранг на она во што силно веруваш. Сонувањето не може никој да ти го цензурира. Тоа е единствената работа што е само твоја. Јас сонувам за слободен свет. Затоа и се одлучив за таков наслов на мојата втора книга, затоа што е сублимат на индивидуални проблесоци на слободна, творечка мисла. Книгата е всушност збир на најискрените и најсилните ставови и емоции на моите соговорници, што ќе останат како референци на едно минатото и патокази за една поубава иднина, во која наместо за ехо на слободата би сакала да зборуваме за чиста СЛОБОДА!