07 Октомври, 2024
0.0257

Наместо мир - долготрајна војна во Украина

Објавено во: Свет, Колумни 09 Септември, 2024

Добивај вести на Viber

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, минатата недела го повика Западот да преземе мерки за завршување на војната во Украина до крајот на есенва! Порано Зеленски даваше до знаење дека сака есенва да се одржи и втор самит за мир, после првиот во Швајцарија. Киев сака до тогаш да подготви план за мир, за крај на војната, но и на американските лидери да им претстави „план за победа“! Или Зеленски нема врска со реалноста или пак се подготвува нешто големо кое Западот допрва ќе го испорача. Зашто без него Украина ја губи војната, и во таков случај, Зеленски ќе треба да бега со она што го има, некаде на Запад, или пак, да се соочи со смрт во Украина. Било од Русите, било од неговите.

Минатата недела на американската база во Рамштајн се состанаа сојузниците на Украина. Таму беше и Зеленски. Тој ги повика присутните да направат нешто заедно, за есенва да биде времето кога ќе заврши руската агресија. И на тој начин да се обнови надежниот меѓународен безбедносен поредок! Порано Зеленски најавуваше втор самит за мир на кој задолжително би присуствувала и Русија. Тој знае дека нема многу  време, бидејќи есента е на прагот, но смета дека има време за подготовка на самитот со учество на најголем број земји од светот. До тогаш Киев треба да го подготви и планот за крај на војната. А Руисја за да учествува на самитот бара јасен дневен ред. Зашто не сака да седне на маса на која ќе се импровизира барање мир.

Што можат да направат сојузниците на Украина есенва да се стави крај на руската агресија? Во прв ред да дадат многу повеќе ново оружје со кое Украина би се обидела да ги протера Русите од нејзина територија. Ова за месец, два, не може да се направи, па колку и да се даде оружје на Украина. Развојот на настаните на фронтот, засега, според воените експерти, е во полза на Русија. Сосема е друго, ако Украина има чудо-план за пресврт на ситуацијата на фронтот во своја полза. На пример, да ги намамат Русите во клопка и да им нанесат катастрофален пораз.  По што би биле протерани од голем дел на украинската територија. Со тоа Украина би добила некаков аргумент во евентуалните преговори. Уште повеќе, ако успее да ги задржи четирите проценти од територијата на Курската област.

ПЛАН ЗА ПОБЕДА

„Планот за победа“  Зеленски го обнароди кон крајот на август. И вети дека ќе им го претстави на американските врвни политичари месецов. Една од точките на планот е операцијата во Курск. Втората компонента е „стратешкото место на Украина во безбедносната инфраструктура на светот“. Третата е „моќен пакет за принудување на Русија дипломатски да ја заврши војната“. Четвртата е економска. „Прво ќе му го претставам овој план на претседателот на Соединетите држави, успехот на овој план зависи од него, дали тие ќе ни го дадат она што е во планот или не“, рече Зеленски. Тој сака планот да биде претставен не само на актуелниот американски претседател Џо Бајден, туку и на претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп.

Очигледно Зеленски сака да го фати последниот воз пред смената на првиот човек на Америка. Но тоа може да има и обратен ефект. Американскиот претседател Џо Бајден е во заминување и прашање е дали ќе даде пас да се направи нешто големо, па Украина да може да го диктира својот план ширум светот. Тоа не е исклучено, Бајден да даде согласност за планот, но практиката на претседателите во заминување покажува дека тие не се толку моќни или, пак, не им даваат моќ луѓето од „длабоката држава“. Ако се сеќавате како помина Македонија на самитот во Букурешт со грчкото вето, на крајот од мандатот на претседателот Џорџ Буш, работите ќе станат појасни. Или пак она што го прави косовскиот премиер, Албин Курти, игнорирајќи ги западните и американските повици. Тој во името на интересот на Косово презема мерки за кои допрва ќе се дискутира. Можеби некој месец по изборот на нов претседтел, но дотогаш работите многу ќе се изменат и ќе треба да се прави нова агенда. Или пак Зеленски, прави се’ на некој начин да го вклучи колективниот Запад во директна војна на теренот во Украина. Барајќи постојано оружје со далечен дострел од САД и од другите. Овие, пак, велат дека засега тоа не и е потребно на Украина. Пред еден месец имаше написи дека Бајден се сомнева дека Зеленски сака да ги вовлече САД во војна со Русија. 

Зеленски вели дека некои точки од неговиот „план за победа“ зависат од Американците. И затоа ќе бара одобрение од Бајден, Трамп и Харис. Што можат да направат САД околу Курск? Да дадат ново оружје. Но која е гаранцијата дека Украинците ќе освојат нови територии од областа? Или колку ќе ја задржат Украинците таа територија. Што можат да кажат Американците за „стратешкото место на Украина во безбедносната инфраструктура на светот“. Ако дојде до преговори Русија сигурно ќе бара Украина да се откаже од НАТО. Колкав притисок и како, треба да се направи  врз Русија па таа да се откаже од оваа цел. Што можат да направат Американците за „моќниот пакет за принудување на Русија дипломатски да ја заврши војната“? Тука главни се земјите од Глобалниот југ. Пред се Индија, Бразил, Јужна Африка, Саудиска Арабија, Турција, па и Кина. Колку можат Американците да притискаат врз нив да ги сменат нивните ставови. Овеи држави ги интересира мирот, суверенитетот на државите, и гаранциите за нивна безбедност во иднина. Тие за разлика од САД и Западот не даваат оружје на Москва, но и не воведоа санкции против неа. За да ја притиснат Русија, овие држави ќе бараат од САД  на некој начин да ја гарантира безбедноста на Русија и не само на неа. А токму поради тоа прашање и почна војната во Украина. Економскиот дел од планот сигурно предвидува обнова на Украина. Киев ќе ги бара руските пари заробени на Запад , репарации и сл.

ПОСРЕДНИШТВО

Во меѓувреме,  минатата недела Зеленски се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц. Овој вети целосна поддршка на Украина. Веројатно разговарано е и за германска помош на Украина. Од Бразил дојде изјава од поранешниот украински амбасадор во Германија, Андреј Мељник, кој сега е пратен да го омекне претседателот Лула да Силва за помош на Украина. Мељник е познат како дипломат без влакно на јазикот. Тој додека беше во Берлин си зеде слобода да го нарече канцеларот Шолц „колбас од црн дроб“. Но сега бара од Шолц да помогне во посредување околу преговори со Русија. Дури и да стане посредник.  Поточно барање за „ креативно посредништво“ со Русија.  Во едно интервју за Berliner Zeitung, Мељник изјави дека Берлин треба да преземе дипломатски напори за да заврши конфликтот меѓу Русија и Украина. Веројатно тој ова го прави откако дојдоа сигнали дека Москва е подготвена за посредништво од Кина,  Бразил и Индија.

Но и Шолц не е Шолц од пред некоја година, кога имаше чести контакти со Путин. Во една анкета на  ZDF-Politbarometer, речиси 80 проценти од испитаниците го сметаат Шолц за слаб лидер. Тие сметаат дека тој нема карактеристики на силен лидер. 77 проценти го сметаат за слаб. Само 17 проценети позитивно ги оценуваат неговите квалитети. Два третини од испитаниците се незадоволни од неговата работа, 65 проценти сметаат дека тој лошо излегува на крај со своите обврски.Шолц вчера во интервју за ZDF се заложи за забрзување на преминот кон мировниот процес за Украина и се застапи за учество на Русија на вториот самит за мир. Според него дојдено е време да се разгледа, како може да се излезе од војната и побрзо да се постигне мир, отколку што се чини сега. Тој тврди дека мировна конференција задолжително ќе има. Овде има едно, но. Шолц како да заборавил дека Русија не им верува на потезите на Западот или некои негови претставници. На примерот со Минските договори тоа се гледа најконкретно. Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и украинскиот претседател Петар Порошенко, јавно изјавија дека не ги спроведувале, да не речам ги саботирале договорите за да има време Украина воено да зајакне. Оттука прашање е дали Русите ќе го прифатат Шолц за посредник. Се разбира ако не им е дојден „нож до коска“, па да речат „дај што ќе дадеш“. Но работите засега не се такви. 

Рускиот претседател, Владимир Путин, при неодамнешната посета на Виетнам изрази подготвеност за преговори со Украина. Русија е подготвена да одговори на предлогот за преговори со Украина уште утре, не е важно, каде би се одржале, рече тој пред новинарите во Ханој. Според него Русија е подготвена да го продолжи дијалогот со украинската страна врз основа на договореното во текот на преговорите во Истанбул и Минск. Рускиот предлог за решавање на конфликтот во Украина „би се менувал во зависност од ситуацијата на линиите на судирот, кои нема да бидат вечни“, изјави Путин. Русија нема намера да прифати повлекување на војските. Такво нешто „нема да се случи никогаш“. Путин додаде дека „ударите на противникот врз руска територија се „блиски до агресија“. Но во меѓувреме се случи Курск и агресијата на украинските сили на руска територија. Тоа доведе Путин да го промени ставот и да вели дека „Крем сега воопшто не разгледува можности за преговори со Украина“. Таа позиција на Путин подоцна ја потврди и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров. „По влегувањето на украинските војски во Курската област „не може да стане збор за дијалог“, рече тој.

ПОРЕДОКОТ ПОД ЗАКАНА
И додека Зеленски зборува за мир официјални Вашингтон и Лондон играат своја игра. Првиот човек на британското разузнавање МИ-6 Ричард Мур и директорот на ЦИА, Вилојам Барнс се појавија во јавноста во Лондон. Тоа е прв случај на заедничко појавување на шефовите на двете институции на јавен настан за целата историја на 77 годишното партнерство на тие служби. Ова не е случајно. Британија и САД менуваат игра. Отсега нивните специјални служби почесто ќе се отвораат за јавноста. Појавувањето во Лондон е само потврда на нивната соработка досега и отсега во време на глобални ризици без преседан. Можеби и ќе откриваат случаи на заедничка успешна работа. Целта е да се промени сликата за тие институции во јавноста. Домаќин на настанот беше  Financial Times. Пораката од една нивна заедничка статија објавена во саботата во весникот е дека „светскиот меѓународен поредок е под закана, каква што немало од времето на студената војна“. Борбата со тој ризик „лежи во основата на нашите посебни односи, на кои можеме да се потприме во идното столетие“, велат авторите. Во Лондон пристигна и Ентони Блинкен, каде што ќе се сретне со својот колега Дејвид Лами. Најверојатно се подготвува посета на  британскиот премиер Кир Стармер на Вашингтон. На дневниот ред неизбежна ќе биде и Украина. Се прави се’ што може додека не заминал Бајден.

Во четвртокот и поранешната заменичка на државниот секретар, Викторија Њуланд, „мајката“ на украинскиот „Мајдан“, во интервју со еден руски новинар, изјави дека „САД во никој случај нема да потпишуваат со Русија и Кина нова „Јалта“ – договор за нов светски поредок.  Според неа и Договорот од Јалта во 1945 година Америка не требала да го склучува, бидејќи бил лош за неа. „Секој обид на големите држави да го поделат светот и да им кажуваа на малите земји, што можат, а што не можат да прават ќе доведе до нестабилност, во тие рамки и за Русија“, изјави цинично Њуланд.

Спомнувањето нов светски поредок и од првите  разузнавачи на САД и Британија и од Њуланд, зборува колку е Западот загрижен од растот на Кина, но и од моќта на Русија. Згора на тоа кинескиот претседател Шји Џинпинг и Путин не кријат дека работат на воспоставување нов светски поредок. Нема да биде хегемонија на една сила, ниту биполарен свет, туку мултилатерален. Сето тоа сега треба да се одработи, како и спротивното што ќе го работат САД и Британија и нивните сојузници. А се чини ќе се прекрши врз грбот на Украина.

ОПАСНОСТ-МЕНУВАЊЕТО НА САД

Џозеф Нај, автор на концепцијата „мека моќ“, за NV.ua пишува дека најголема опасност за светот е, како се менуваат САД. И го поставува прашањето дали сме сведоци на крајот на епохата, кога САД беа доминантна сила. „Јас проживеав осум десетлетја во американската ера, вклучувајќи ја Втората светска војна, Хирошима, војната во Кореја, Виетнам, Авганистан и Ирак. Студената војна заврши без нуклеарна катастрофа, надвисната над нашите глави, на нејзина смена дојде периодот на суетата, кога САД станаа единствена светска сила во светот.  Тој еднополарен момент наскоро се смени со стравот од меѓународниот тероризам и кибер војни. Аналитичарите денес збоаруваат за нова студена војна со Кина, која се забрзува, и стравот од нуклеарната ескалација после руската инвазија во Украина. За мојот живот нашите ментални карти на светот кардинално се променија“, напиша Нај.

Сега доаѓа време на нови ментални карти во светот. Нај ги кажа цртачите. Некогашниот хегемон и сојузниците и Кина со Русија. Тука не треба да се заборават и земјите од Глобалниот југ. Многу играчи, а едно поле. Украина ќе биде првата топка со која што ќе играат.  Епилогот од таа игра, можеби и онаа на Блискиот исток, ќе ја определи иднината на светот. Жалосно што, барем засега, најмногу ќе гинат Палестинци, Украинци и Руси. Но за некои американски политичари тоа не е важно.

Викендов во Киев беше Линдзи Грем, американски сенатор. Се сретна и со Зеленски, и во негово присуство ја нагласи предноста од војната во Украина за Американците. „Вие се обидувате да ги сопрете Русите за да не дојде ние да се бориме со нив. Тие(Украинците) не сакаат никакви американски војски – им треба само оружје, за да ја ослободат својата земја од ужасната инвазија. Тие седат врз минерали вредни трилиони долари, кои можат да бидат полезни за нашата економија. Затоа јас сакам да продолжам да им помагам на нашите пријатели од Украина“, рече Грем. Тој и порано има изјавено дека „Украинците седат врз 10 д0 12 трилиони долари“, па затоа Путин сака да ја освои Украина. Исто така имаше изјава и дека војната во Украина е “добра инвестиција за САД.“

Работите се сериозни. Повеќе од јасно е дека во Украина наместо мир ќе имаме долготрајна војна. Се’ до воспоставување на новиот светски поредок. Сценаријата на војната допрва ќе се пишуваат, ако веќе не се напишани во некои кабинети. Па чекаат да завршат изборите во САД.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

„ХЕЛЕНА“ ИМ ОСТАВИ БРОЈНИ ЖРТВИ, НО СЕГА ПРИСТИГНУВА И „МИЛТОН“: Овој ураган може да биде уште побезмилосен

„ХЕЛЕНА“ ИМ ОСТАВИ БРОЈНИ ЖРТВИ, НО СЕГА ПРИСТИГНУВА И „МИЛТОН“: Овој ураган може да биде уште побезмилосен

„СЀ ДОДЕКА СУМ НА ВЛАСТ ЌЕ ГО БЛОКИРАМ ЧЛЕНСТВОТО НА УКРАИНА ВО НАТО“:Сака да ги врати и економските врски со Русија

„СЀ ДОДЕКА СУМ НА ВЛАСТ ЌЕ ГО БЛОКИРАМ ЧЛЕНСТВОТО НА УКРАИНА ВО НАТО“:Сака да ги врати и економските врски со Русија

КИНЕЗИТЕ ГИ ХАКИРАЛЕ АМЕРИКАНЦИТЕ: Упаднале во системите за прислушување

КИНЕЗИТЕ ГИ ХАКИРАЛЕ АМЕРИКАНЦИТЕ: Упаднале во системите за прислушување

(ВИДЕО) ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО ИЗРАЕЛ, ИЗБОДЕНИ ЛУЃЕ НА АВТОБУСКА СТАНИЦА: Еден мртов и осум повредени

(ВИДЕО) ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД ВО ИЗРАЕЛ, ИЗБОДЕНИ ЛУЃЕ НА АВТОБУСКА СТАНИЦА: Еден мртов и осум повредени

ИЗРАЕЛ СЕ БРАНИ НА СЕДУМ ФРОНАТ ОД ХЕЗБОЛАХ, ХАМАС, ХУТИТЕ...Нетанјаху имеше видеообраќање

ИЗРАЕЛ СЕ БРАНИ НА СЕДУМ ФРОНАТ ОД ХЕЗБОЛАХ, ХАМАС, ХУТИТЕ...Нетанјаху имеше видеообраќање

КОЈ Е ЕСМАИЛ КААНИ, дали Израелците ликвидираа уште еден ирански моќник?

КОЈ Е ЕСМАИЛ КААНИ, дали Израелците ликвидираа уште еден ирански моќник?

МАСК БЕШЕ ГОСТИН НА ТРАМП ВО БАТЛЕР, МЕСТОТО НА АТЕНТАТОТ: „Ако Трамп не победи, ова ќе бидат последни избори“

МАСК БЕШЕ ГОСТИН НА ТРАМП ВО БАТЛЕР, МЕСТОТО НА АТЕНТАТОТ: „Ако Трамп не победи, ова ќе бидат последни избори“

ЕДЕН ОСТРОВ Е ЦЕЛ НА ИЗРАЕЛ, ДАЛИ СЕ СЛЕДНИ НАФТЕНИТЕ ПОСТРОЈКИ НА ИРАН: Израел веќе разговарал со САД за ова

ЕДЕН ОСТРОВ Е ЦЕЛ НА ИЗРАЕЛ, ДАЛИ СЕ СЛЕДНИ НАФТЕНИТЕ ПОСТРОЈКИ НА ИРАН: Израел веќе разговарал со САД за ова

ИЗРАЕЛ ЕЛИМИНИРАШЕ ДУРИ 15 ЛИДЕРИ НА ХЕЗБОЛАХ: „Но, Израелците никогаш не биле поисплашени“

ИЗРАЕЛ ЕЛИМИНИРАШЕ ДУРИ 15 ЛИДЕРИ НА ХЕЗБОЛАХ: „Но, Израелците никогаш не биле поисплашени“