Западот и Глобалниот југ во натпревар за решение на конфликтот во Украина
Објавено во: Колумни 30 Септември, 2024
Генералното собрание на
Обединетите нации одржан по 79. пат поминува во знакот на настаните на Блискиот
исток. Многумина очекуваа по носењето на „Пактот за иднината“ да се поттикнат
сериозни искажувања за војната во Украина, но таа падна на втор план. За тоа сеп
отрудиИзраел со ескалацијата на војната на Блискиот исток. Овој пат со ударите
врз Либан. Во сенката на искажувањата на израелските бомбардирања и стотиците
жртви се проговори и за воениот конфликт во Украина. И на површина испливаа две
работи кои допрва ќе треба да добијат свој епилог. Првата е ангажирањето на
Западот, а втората е ангажирањето на „Пријателите на мирот“ од Глобалниот југ.
И обете за Украина. Сега ќе бидеме сведоци на натпревар меѓу овие две групи
држави за решавање на конфликтот во Украина.
Ваквиот резултат излезе после се’ она што беше речено од говорницата на генералното собрание на ОН за и околу Украина. Како што се развива ситуацијата на военото поле се’ повеќе станува јасно дека судирот е меѓу Западот и Русија, а Украина е само негов полигон. Постојаната ескалација и најавите за она што го бара украинскиот претседател, Владимир Зеленски, од Западот потврдуваат дека тој се повеќе се вклучува во војната. Американскиот претседател. Џо Бајден, во своето последно обраќање на Генералното собрание на ОН рече дека американската поддршка на Украина ќе продолжи се додека таа не добие „праведен и долготраен мир“. „Добрата новост е што војната на Путин претрпе неуспех во својата главна цел. Тој имаше намера да ја уништи Украина, но Украина се’ уште е слободна. Тој сакаше да го ослаби НАТО, но НАТО е поголемо, посилно, пообединето, од кога било претходно“, констатираше Бајден.
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, се изјасни против водење преговори со Русија за решавање на конфликтот во Украина. Според него војната не може едноставно да се „стиши“.Таа не смее да се успокои со разговори. „Неопходни се дејства...Русија може само да се принуди кон мир. И токму тоа е потребно, Русија да се принуди кон мир“, рече Зеленски на Генералното собрание. Тој напомна дека Украина се подготвува за вториот самит за мир. За да се спроведе неговата „формула за мир“.
Од руска страна на генералното собрание се обрати министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров. Тој кажа дека Русија го цени напорот на многу нивни партери за посредништво и ја почитува нивната конструктивна насоченост кон резултата, за разлика од „формулата за мир“ на Зеленски, која води во ќорсокак. Тој го спомна планот на претседателот Путин за мир од јуни годинава, како покажување добра волја за постигнување на конкретни договори, „чии перспективи беа отфрлени од Киев и неговите покровители како резултат на државниот удар во 2014, пропаѓањето на Минските договори од 2015 и договореното во Истанбул во 2022 година“. Планот за мир на Путин предвидува прекина на огнот, ставање под контрола на Русија на освоените територии на нивните административни граници, неутралност на Украина...
ЗЕЛЕНСКИ БАРА ГАРАНЦИИ
Како што видовме погоре Зеленски сака да ја принуди Русија кон мир. По секоја цена. Тој не само што дојде во Њујорк, туку ги посети САД. Дојде со пакет наречен „план за победа“. Токму тој план треба да ја принуди Русија да се повини на украинските желби. За тој план се зборуваше речиси од крајот на август, но до денес, освен сознанија од разни извори, во јавноста не исплива ништо потврдено. Зеленски месецов рече дека тој план ќе го презентира , пред се“, во САД, а и на другите партнери. При што, зборувајќи за него кажа дека станува збор за „оружје за заштита на нашата независност и нашите луѓе. Дипломатија за консолидација на нашите партнери и принудување на Русија кон мир. И праведност, за Русија да одговара за оваа војна и да ги почувствува нејзините последици“. Во медиуми се спомнуваше и територијата на Курск под украинска окупација, па барање оружје и согласност од САД за бомбардирање на цели во внатрешноста на Русија, но и членство во НАТО или давање на некакви натовски гаранции..
Во Њујорк Зеленски се сретна и разговараше во „четири очи“ со германскиот канцелар Олаф Шолц. Од Њујорк тој замина за Вашингтон каде што с сретна со претседателот Бајден и потпретседателката и сегашен кандидат за претседателските избори, Камала Харис, а по мали нервози и со поранешниот претседател и сега кандидат за претседател, Доналд Трамп. На сите им бил презентиран „планот за победа“. Зеленски не добил дозвола од САД за бомбардирање цели во внатрешноста на Русија. Барем засега. Но закажана е средба на Зеленски со Бајден, Шолц, британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател, Емануел Макрон, во Берлин, најверојатно на 12 октомври. Бајден ќе биде во прва посета на Берлин од 10 до 12 октомври. Претседателите демократи како да имаат слабост кон Берлин. Така беше со Џон Кенеди во шеесеттите години, па таму дојде Барак Обама, а еве сега и Бајден. „Јас сум Берлинчанец“, изјави Кенеди, а овие по него да не бидат покусо.
Средбата на „четворката“ во Берлин, некои викаат „Рамштајн коалиција“ во многу ќе ја определи иднината на конфликтот во Украина. Сите четворица зборуваа за поддршка на Украина. И воена и материјална. Но во меѓувреме почнаа да се појавуваат сомнежи во можностите на Украина да го реализира она што го сака. Згора на тоа последиците од војната се чувствуваат и кај нејзините сојузници. Во прв ред економски, а секако и празнењето на воените складишта. Сега западните лидери треба да одлучат како натаму? Дали ќе и дадат зелено светло на Украина за бомбардирање цели длабоко на територијата на Русија? Ставовите меѓу нив за ова прашање се различни. Бајден не дава согласност. Неодамна канцеларот Шолц проговори за чекори кон мир во Украина. На пример преговори. Макрон со сета негова дволичност не можеш да го фатиш ни за глава ни за опаш. Де дава согласност, де не дава. Стармер беше да се даде согласност, но по неодамнешната средба со Бајден во Вашингтон ја свитка опашката. Никој не знае што му подготвиле Пентагон и Стејт департментот на Бајден за средбата во Берлин. Засега се знае дека барањата на Зеленски од „планот за победа“ внимателно се проучуваат. Затоа што планот сигурно заборува за засилување на воените и политичките позиции на Украина со помош на американски ветер, пред се’, во нејзиниот грб. Се’ со цел Русија да ја заврши војната. Сигурно ќе се игра на картата дека поразот на Русија е од интерес и на Европа и на САД.
РУСКИ БЛЕФ?
Од каде внимателноста на Американците? Украина и досега бараше дозвола за бомбардирање во внатрешноста на САД, но Бајден не даваше согласност. Некои сметаат дека има договор меѓу САД и Русија, оваа да го држи Иран подалеку од ескалација со Израел, а Американците Украина! Но не треба да се заборави и на потезите на Путин во ваквите ситуации. Не се избледени сеќавањата кога на 14 јуни Путин го објави планот за мир во Украина, пред првиот самит за мир, одржан во Биргеншток во Швајцарија на 15 и 16 јуни. На ден пред самитот тој им даде до знаење на учесниците, кои се новите услови за мир во Украина. Сега пред Генералното собрание на ОН и пред посетата на Зеленски на Вашингтон, каде што тој требаше да го претстави „планот за победа“, Путин излезе јавно со најава дека ќе ја менува нуклеарната доктрина на Русија. Со измените се предвидува користење на нуклеарно оружје во случај на загрозеност од страна на ненуклеарна земја со поддршка од нуклеарна сила. Некои ова го нарекоа руски блеф, а не нова црвена линија. А и досега руските црвени линии ги бришеле без некаков одговор од Русија. Па така нема потреба да има грижи од оваа најава на Путин. Но, американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, најавите на Путин ги нарече „апсолутно неодговорни“ и ја повика Кина, која одамна ја предупредува Русија за такви дејства, да и спомене на Москва за неприфатливоста од „ѕвечкање со оружје“.
Паралелно со процесот на Зеленски за неговата „формула за мир“ и најавениот собир на „четворката“ во Барели и со поканет Зеленски, во тек е и друг процес. Глобалниот југ ги засили своите напори за што побрзо завршување на војната во Украина. Во Њујорк с формираше група „Пријатели на мирот“, предводена од Кина и Бразил. Групата не е затворена, туку отворена платформа. Групата веќе имаше и прво заседание. Во неа има петнаесетина земји. Во коминикето од првата срдба се вели дека се поддржува кинеско-бразилскиот план (прекин на војната на линијата на фронтот и почеток на преговори) . Групата повикува на деескалација и неширење на конфликтот. Исто така против напади врз граѓанска нуклеарна инфраструктура и енергетика. Тие повикаа и на откажување од примена или закана од примена на оружје за масовно уништување, посебно нуклеарно, хемиско и биолошко оружје. Мировниот план на групата може да биде претставен на самитот на БРИКС на 20 октомври во Казањ во Русија. А ако таа го поддржи тој план, тогаш ситуацијата многу ќе се промени. Други држави кои се за прекин на војната можеби ќе почнат со притисок врз Западот, па ќе излезе дека еве Русија е за мир, а Западот не е. Ниту Украина.
Интересно е што на првата средба на „Пријателите на мирот“ присуствувале претставници од Франција, Швајцарија и Унгарија. Унгарија дури го поддржала планот на Кина и Бразил. На ова регираше Жозеп Борел, кој го критикуваше тој мировен план нагласувајќи дека неговите учесници „ зборувајќи за мир, размислуваат со категоријата на капитулација.
„ПРИЈАТЕЛИ НА МИРОТ“
Но реагираа и Русите. Москва не е задоволна од присуството на Швајцарија и Франција. Според него. Швајцарија одамна не е неутрална, а Франција е членка на НАТО и навива за Украина, барајќи победа на Русија и испорачувајќи оружје со долг дострел. Кога ги прашал кинеските колеги за тоа, тие му одговориле дека Французите и Швајцарците многу инсистирале да ја набљудуваат средбата, па Кинезите ги поканиле. Инаку, претходно Зеленски ги критикуваше Кина и Бразил поради нивните мировни инцијативи. Според Зеленски, алтернативите на неговиот план за решавање на украинската криза ја игнорираат реалноста. После ова кинескиот министер за надворешни работи, Ван Ји, изјави дека Кина секогаш се придржувала кон објативни и праведни позиции и ќе продолжи да работи кон постигнување меѓународен консензус и за брзо прекинување на војната. Инаку Селсу Аморим, советник на бразилскиот претседател, изјави дека групата „Пријатели на мирот“ е подготвена да организира мировна конференција на која би присуствувале и Украина и Русија. Во меѓувреме и Индија се јави со став дека е против одржување на втор „самит за мир“ за завршување на војната во Украина. Неодамна Киев срамежливо се огласи со желба Индија да игра „активна улога“ во решавањето на руско-украинскиот конфликт.
Инаку, мировниот план на Бразил и Кина има шест точки, меѓу кои, непречена помош на настраданите региони во војната, заштита на граѓанското население, размена на воените заробеници и прекин на конфликтот, па преговори. Украина, Европската унија и САД го отфрлија овој план сметајќи дека одговара на интересите на Русија.
На Западот се’ повеќе, барем во медиумите, се зборува за мировни преговори, бидејќи ситуацијата на фронтот не оди во полза н Украина, а Украинците се истоштени. Преговори, дури и по цена на територијални отстапки од страна на Украина. Швајцарија, која беше домаќин на првиот „самит на мирот“, сега ја поддржува иницијативата на Кина и Бразил. И покрај тоа што во неа директно не се споменуваат Повелбата на ОН и територијалната целосност на Украина. Претставникот на Федералниот департмент за надвоешни работи на Швајцарија, Никола Бидо, појаснил дека „Швајцарија ја поддржува мировната иницијатива на Кина и Бразил, бидејќи повикува на прекин на огнот и политичко решавање на конфликтот и предлага алтернатива на „воинствените зборови“, кои прозвучиле во ОН, како од украинска, така и од руска страна“. Швајцарија сака да биде и посредник меѓу Западот и Глобалниот југ во потрагата по мир во Украина.
ТЕЖОК ИЗБОР
Целта на Западот во Украина беше да се нанесе уништувачки пораз на Русија од страна на украинските сили, без директно вклучување на НАТО со постепена ескалација на војната, но без ескалација на односите со Русија. Но сега ситуацијата на фронтот за Украина е тешка. Зеленски со операцијата во Курск очекуваше дека во Русија ќе почнат внатрешни потреси, мобилизација на противниците на војната, кои можат да доведат до соборување на Путин. Но не се случи ништо од тоа. Затоа во Берлин лидерите на четирите држави, заедно со Зеленски ќе бидат исправени пред тежок избор. Давање оружје на Украина и согласност за бомбардирање длабоко во внатрешноста на Русија и со перспектива да дојде до судир на НАТО со неа или пак да се продолжи како досега со дозирано потхранување на воените и материјалните интереси на Украина. Војната да трае подолго со надеж дека Русија, кога, тогаш, ќе биде исцрпена. Третата работа е размислување за крај на војната.
Доколку се случи ова последново, тогаш Украинците со право ќе го прашаат своето воено-политичко водство зошто се војувало? Зошто настрадале стотици илјади луѓе. И Зеленски со право ќе го праша Западот,„зошто не’ натеравте да војуваме, а сега не’ терате кон прекин на војната?“. Тој постојано ќе може ова да им го трие од глава на Западот, бидејќи токму тој не дозволи да се спроведе Договорот од Истанбул. Со него Украина ќе беше суверена држава на цела територија , освен Крим, а на некои територии ќе им беше дадена определена автономија. Но немаше да има толку жртви. На овој начин Зеленски ќе може дома да го претстави Западот за виновник за војната и за жртвите. Демек не’ излажаа. А како спас тој ќе повика на преговори и прекин на војната. Оттука ќе биде многу важно каква одлука или каков епилог ќе има средбата во Берлин.
Во меѓувреме „Пријателите на мирот“ ќе почнат со агитација. Ќе биде многу битно кој, Западот или тие, ќе привлечат повеќе земји за својата работа. Западот има гарантирано педесетина држави. Но и Глобалниот југ не е за потценување. Многу работи ќе станат појасни и по самитот на БРИКС во Казањ, а и по средбата на Г-20 во Бразил. Во Њујорк земјите од Г-7 подготвија „Декларација за поддршка на обновата и реконструкцијата на Украина“ и повикаа на присоединување кон неа. Дали ова може да се смета како контра приод на „Пријателите на мирот“? Сите зборуваат за мир или за војна, а Г-7 за обнова. Која е стратегијата на САД за Украина?. И на Европа? Или на Украина за себе. Ако се суди поред делот од Декларацијата кој вели:„ Ние, лидерите на Групата седум (Г-7) ја потврдуваме нашата постојана поддршка на Украина денес и во иднина, во воено и во мирно време“, тогаш иднината на конфликтот е неизвесна.
Мирче Адамчевски