ШЕСТ ОПШТИНИ ПРОДАЛЕ НАД 500 ИЛЈАДИ МЕТРИ КВАДРАТНИ ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ: Се продавало по цена од 71 до 18.400 денари
Објавено во: Економија 08 Октомври, 2024 09:54
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето „Недоволна транспарентност и ниски цени при продажбата на државно градежно земјиште“ кое открива дека oпштините не ги информираат граѓаните за реализираните продажби на државно градежно земјиште.
-Општините ги објавуваат одлуките за отуѓување на државно градежно земјиште само во Службен весник на РСМ. Но, ниту една од мониторираните општини не презема други активности за информирање на граѓаните, односно донесените одлуки за продажба на земјиште и склучените договори со купувачите не ги објавуваат ниту на своите веб-страници. Нетранспарентноста оди дотаму што дел од општините не ги доставија склучените договори ниту преку барање за пристап до информации од јавен карактер. На овој начин се оневозможува информираност на граѓаните и се зголемува ризикот од злоупотреби, се наведува во Извештајот.
Според истражувањето, цената за еден метар квадратен државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18 400 денари (од 1,2 до 299 евра), а просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по четири потенцијални купувачи.
-Имајќи го ова предвид, на општините им се препорачува да ги објавуваат одлуките за отуѓување на градежно земјиште во сопственост на државата на своите веб-страници, исто така и склучените договори со купувачите на државното земјиште. На овој начин ќе се овозможи поголем увид на граѓаните и навреме ќе може да се укаже на евентуални незаконитости во процесот, велат од Центарот.
Нагласуваат и дека зголемувањето на транспарентноста на целиот процес на продажба на државното градежно земјиште треба да придонесе за зголемување на довербата на граѓаните во процесот и, воопшто, во секторот градежништво, каде што изминатите декади се наталожија сериозни проблеми и овој сектор стана еден од најподложните на корупција.
Истражувањето покажува дека шест од осумте мониторирани општини (Битола, Неготино, Кичево, Куманово, Струмица и Штип), во последните пет години, продале 507.826 м2 градежно земјиште кое било сопственост на државата. Намената на градежното земјиште била за семејно домување, за лесна и незагадувачка индустрија, стоваришта, складови, хотелски комплекси. Градежното земјиште во сопственост на државата било продадено на 41 правно лице и на 17 физички лица.
» Ниту една парцела во периодот од 2019 до 2023 година не огласиле, ниту продале општините Тетово и Чаир.
» Цената за 1 м2 државно земјиште во изминатите пет години се движела од 71 до 18.400 денари (од 1,2 до 299 евра). Просечно, во постапките за продажба на државно градежно земјиште учествувале по 4 потенцијални купувачи.
» Од продажба на градежно земјиште, шесте општини во последните 5 години оствариле приход од 20 милиони евра Повеќе од половина, или земјиште вредно 11 милиони евра, продала Општина Куманово.
» Општините Струмица, Штип и Куманово од договорни казни наплатиле 16, 3 милиони денари, или 265 илјади евра. Кичево и Неготино немаат наплатено казни, а Општина Битола вели дека казни се наплатуваат тековно, но не дава информација колку пари инкасирала од наплатени договорни казни од продажба на државно градежно земјиште.
Истражувањето е изготвено во рамки на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
Можеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




