21 Ноември, 2024
0.0266

Западот ќе ја дели Украина!

Објавено во: Колумни 07 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

Пред една недела на овие страници пишувавме за натпреварот меѓу Западот и „Пријателите на мирот“ од Глобалниот југ за решавање на конфликтот во Украина. И за тоа дека епилогот ќе треба да се знае по самитот во американската воена база во Рамштајн, во Германија, на кој треба да присуствуваат лидери на земјите членки на групата „Рамштајн“ која ја сочинуваат сојузниците на Украина, а ќе се одржи на 12 октомври. Но и по самитот на земјите од БРИКС кој ќе се одржи во Казањ, Русија, во последната недела од месецов и на самитот на Г-20 во Бразил во ноември. Веќе сега се најавува дека Украина ќе биде дел од агендата на тие самити.

Во предвечерието на собирот во Рамштајн во минатиот петок и саботата во угледниот „Фајненшел тајмс“ беа објавени едно интервју со досегашниот генерален секретар на НАТО Јенс Столтенберг и авторски текст во кои како да се најавува предлог за решение на конфликтот, гледано од западен аспект. Во последно време не само овој весник, туку и други медиуми ја разгледуваа можноста војната да заврши со прекин на огнот на линијата на фронтот, а делот што го контролира Украина да влезе во НАТО со сите гаранции за безбедност, кои би спречиле нова руска агресија.

Во интервјуто со новинарот, Хенри Фој, Столтенберг смета дека можното влегување на Украина в НАТО за време на активната војна со Русија нема  обврзно да ја направат Алијансата непосреден учесник, бидејќи гаранциите за безбедност во тој случај не би важеле на териториите под контрола на Русија. Според Столтенберг, противниците на прием на Украина во НАТО, членки на Алијансата, својата позиција ја аргументираат дека во таков случај тоа ќе значи директно учество на сите членки на Алијансата во војната против една нејзина членка. Но, Столтенберг смета дека има начини за решавање на тој проблем. А тоа е да постои линија која не е задолжително меѓународно призната граница.

И тука Столтенберг почува да дава примери од минатото за влез во НАТО на земји кои не ги контролирале во целост своите територии. Во прв ред Германија. Таа влезе во НАТО 1955 година. Поранешниот генерален секретар на НАТО, го наведе примерот на Западна Германија, која за време на Студената војна беше членка на НАТО, според Уставот ја сметаше Источна Германија за своја територија, но безбедносните гаранции на Алијансата не важеа за неа. И НАТО, секако, ја штитеше само Западна Германија. Столтенберг вели дека да се споредува е секогаш опасно, затоа што не може да се повлекуваат паралели кои би биле 100 проценти правилни. На пример САД и дале гаранции за безбедност на Јапонија, но тие не важат и за Курилските острови, кои Јапонците ги сметаат нивна територија под контрола на Русија. „ Кога постои волја има начини да се најде решение. Но потребна е линија која определува, каде ќе се користи членот 5, и Украина треба да ја контролира целата територија до таа граница“, вели Столтенберг.

НЕШТО ПРИФАТЛИВО!

Тој сепак нагласува дека решението за тоа, дали ќе води преговори за мир со Русија е на Украина. Меѓутоа украинските сојузници „треба да создадат услови, кои ќе им овозможат на Украинците да седнат со Русите и да добијат нешто прифатливо, нешто со кое тие ќе преживеат како независна држава“, е мислењето на Столтенберг. А што е тоа нешто? Столтенберг тука како пример ја посочува Финска. Која војуваше со СССР на почетокот на Втората светска војна. „Финска храбро водеше војна против Советскиот Сојуз во 1939 година. Тие и направија на Црвената армија многу поголеми загуби отколку што таа  очекуваше“, појасни Столтенберг. Конфронтацијата заврши со тоа што Финска му даде на СССР „10 отсто од својата територија“, но доби „безбедна граница“, забележа тој.

По интервјуто со Столтенберг објавено во петокот, во саботата „Фајненшел тајмс“ повикувајќи се на информирани извори напиша дека на западни дипломати и се повеќе украински чиновници, наводно, им се совпаѓаат мислењата дека најверојатен компромис за завршување на руската воена агресија во Украина може да биде шемата, според која Кремљ де-факто, но не и де-јуре да ја задржи контролата врз окупираните територии во моментов, а Киев да добие членство во НАТО и гаранции за безбедност од Алијансата. „Украина ги намали своите воени цели. Иако, како и досега, таа има намера да ги врати териториите заземени од Русија за последното десетлетје, но неа, за тоа,  за жал, и недостигаат луѓе, оружје и западна поддршка“, пишува весникот, нагласувајќи дека можното решение за принудна отстапка на дел од територијата, на никој начин не значи дека украинските власти и нивните западни сојузници го признаваат суверенитетот на Русија врз териториите кои таа ги зазеде од 2014 година. Во текстот се нагласува дека членството на Украина во НАТО може да се оствари според така наречениот „западно германски“ модел, кога гаранциите на Алијансата ќе се однесуваат само на оние територии кои ги контролира Киев.

Дали ова не значи дека сега Алијансата ќе подготвува некое ново решение за мир во Украина? Но, не може да се исклучи дека во Рамштајн може да се постигне договор и за ново поголемо вооружување на Украина кое ќе и овозможи да ја намали територијата под контрола на Русија, од сегашните 20, на 10 проценти. Дотолку повеќе што Солтенберг жали што не и давале поголема воена поддршка на Украина пред почетокот на војната. А и во текот на војната требало да им се дава побрзо на Украинците посовремено оружје.

НОВА УКРАИНСКА ОФАНЗИВА

Во прилог на нов приод кон војната оди и еден текст од колумнистот, Марк Галеоти, во „Тајмс“. Тој пишува дека Украина догодина може да почне нова голема контраофанзива. Галеоти смета дека офанзивата ќе биде „од големи размери со нова техника, која Украина ја добива, и со бригади кои таа ги формира“. До почетокот на таа офанзива, Киев „исто така, веројатно ќе добие дозвола за користење на американските ATACMS со далечен дострел и британските ракети Storm Shadow, против воени цели на територијата на Русија“. Според Галеоти, следната година би можела да биде потешка за руската економија и воената машина - поради претпоставеното исцрпување на резервите на оклопни возила, како и сè потешкото регрутирање на доброволци. Дополнително, ќе се зголемат економските тешкотии поврзани со недостигот на работна сила. Ова значи дека Киев сега треба само да го издржи воениот притисок од Русите, да не губи нови територии, тие да не напредуваат, но и да бидат истоштени. Но сето ова не зависи само од желбите на НАТО и Западот, туку и од Русија.

А за украинскиот претседател, Владимир Зеленски, вистински мир е можен само врз основа на меѓународното право и без каква било трговија со сувернитетот или териториите. Според него на Украина и треба „вистински мир, праведен и гарантирана воена заштита“. А за тоа е потребна силна позиција. Тој многу очекува од средбата во Рамштајн. За неа вели дека таа може да биде историска.

Според некои украински медиуми земјите од Западот и украинските власти сакаат да ја повторуваат фразата „Русија нема право на вето на влез на Украина во НАТО“. Но додаваат дека тоа не е точно. „Русија де-факто имала, има и ќе има право на вето на влез на Украина во Алијансата се’ додека го има најголемиот арсенал на нуклеарно оружје и се’ додека поради тоа земјите од НАТО не сакаат да влезат во вистинска војна со неа. Што беше очигледно уште до 2022 година, иако Украина од 2014 година го промени Уставот и во него внесе дополнувања за членство во НАТО и ЕУ. Уште повеќе, сега тешко може да се зборува за тоа, бидејќи заканата со војна на Русија со НАТО од хипотетичка премина во класата веројатна.

Медиумите пишуваа дека, доколку се донесе решение да се прими Украина во НАТО, тогаш сите членки на Алијансата треба да бидат подготвени да му ја кажат на Путин фразата:„ ако барем една артилериска муниција или FPV-дрон прелета преку линијата на фронтот на украинска територија тоа ќе значи дека Русија и објавила војна на целата Алијанса. И следниот ден сите членки на НАТО почнуваат војна со Русија. А ако Москва примени нуклеарно оружје, тогаш како одговор -  ние ќе нанесеме нуклеарен удар врз Русија. И дури и целиот свет да биде во урнатини, ние и Украинците ќе одиме во рајот, а вие само ќе умрете“. Заклучокот е дека Запад не е подготвен да се стави себе си во ризик од нуклеарна војна поради Украина. Што е потврдено повеќе пати минативе години.

НОВ ПЛАН НА БАЈДЕН

Русија засега мудро молчи. Димитриј Песков, порпаролот на Кремљ вели дека за Русија  приоритет е остварување на целите на „Специјалната воена операција“ до крај. Особено по нападот на Украина врз нејзина територија во Курскиот регион. Дотолку повеќе, според некои извори, додека се подготвувале преговори меѓу Русија и Украина во Катар, за не уништување на инфраструктурни објекти во двете земји и други прашања, Украина влегла на руска територија. Оттогаш во Русија велат дека ќе нема никакви преговори  и дека „Специјалната воена операција“, која веќе стана отворена војна, ќе продолжи.

За северноатлантската интеграција на Украина пишуваше и Washington Post. И тој најавува дека земјите на НАТО разгледуваат разни варијанти и предлози за поконкретна поддршка на Украина на патот кон идното членство. Новинарите пишуваат дека, иако предлозите не можат во целост да ги задоволат неопходните потреби на Киев, тие, сепак, ќе бидат важен сигнал. За време на средбата во Германија, Киев може да добие некоја друга помош во замена на ограничувањата за ракетни удари врз Русија. Но многу работи ќе зависат од тоа како ќе се однесува Америка, која е на прагот на нови претседателски избори.

Инаку, The Conversation напиша дека станал познат новиот план на американскиот претседател Џо Бајден за Украина. Тој изработил нов двостран план пред да ја напушти функцијата. Во написот се забележува дека шефот на Белата куќа сака да остави зад себе наследство, а напредокот во поддршката на Украина може да биде неговата „последна победа“ што ќе остане запаметена. Прво, тој сака да даде силна и јавна изјава дека САД ќе ја поддржат Украина. На тој начин Бајден сака да покаже дека Киев останува главен приоритет за Вашингтон. Притоа, и да се создаде слика за тоа дека американската поддршка нема да престане. А со тоа тој сака Трамп да не може неа да ја игнорира. Второ, Бајден продолжува да работи на доделување воена помош за Украина, пишува изданието.

Сето погоре кажано навестува дека наредниве две до три недели ќе имаме многу нови работи околу Украина. Но треба да се води сметка и за отпорот внатре во НАТО, околу членството на Украина. Некои членки се отворено против тоа. Можеби затоа, бидејќи досега САД и Германија, беа главни противници, тие сега на Украина ќе и дадат поголеми надежи за успех во војната со Русија. Со оружје и пари. Но паралелно и подготовки за преговори со неа. Пред неколку денови првиот заменик на државниот секретар на САД, Курт Кемпбел, коментирајќи ја ситуацијата околу Украина изрази надеж дека може да дојде до преговори. „Во крајна линија, мислам, дека има свесност, дека дел од тоа треба да се решава на преговарачка маса. И ќе се надеваме дека во некој момент, во блиска иднина ќе се најдеме ангажирани во некаков вид дипломатски ангажман“, рече Кембел.

РАСПАЃАЊЕ НА ФРОНТОТ

Какви можат да бидат тие преговори никој не знае. „За танго треба двајца“, му рече Доналд Трамп на Зеленски, при средбата во Њујорк. Така е и сега Тоа важи и за НАТО и Русија. Или и за Русија и Украина. Не треба многу да се верува дека наскоро ќе има преговори за мир во Украина. Од причина што и двете страни не се доволно подготвени за нив. Не треба да им се верува на тврдењата дека Путин копнее за мир. Ниту за Зеленски дека сака преговори, под услов за тоа да го обвини Западот дека го довел во таква ситуација. Ситуацијата на фронтот се’ уште не е разјаснета. Има тврдења дека доколку Зеленски не почне преговори што побрзо, тогаш за три до четири месеци неговиот фронт ќе се распадне, а со тоа  ќе се навестат и загуби на нови територии. А да не зборуваме за развојот на проблеми внатре во Украина. Па дури и внатрешни конфликти, меѓу „јастребите“ и „гулабите“. Почеток на поларизација во општеството со стотици илјади вооружени поединци. А меѓу нив и не мал  број радикали.

Во Русија, пак, во зависност од развојот на ситуацијата, доколку се случат некои несакани последици можат да кренат глава заговорниците за тотално уништување на Украина. Иако, за волја на вистината, а за тоа овде веќе е пишувано, на Русија и одговара Украина, со отстапка на дел од териториите, да замине во НАТО. Впрочем и сега, особено со финското членство во Алијансата, Русија има заедничка граница со НАТО. Над илјада километри. А и одамна помала со Полска кај Калининград и со Естонија. Оттука за неа треба да е прифатливо Украина да биде поделена, да загуби територии за да стане членка на Алијансата. Дотолку повеќе што при преговарањето Русија може да наметне и други прашања, доколку на Западот му е многу потребно Украина да стане членка на НАТО. Своевремено Хенри Кисинџер, беше противник на влегување на Украина во Алијансата, па потоа го промени мислењето. Причината беше во тоа што на тој начин Украина би била под „контрола“ од штабот во Брисел и не би можела така лесно да почне војна со Русија за враќање на нејзините територии. Зашто тоа би било и објавување војна на НАТО со Русија. А тоа, и сега, не го сака никој, освен некои вжештени глави на политичари од Балтикот и Зеленски.

Дали Западот е сериозен во делењето на Украина, односно отстапување на дел од украинската територија на Русија? Зарем нема сомнежи во Брисел дека утре по дел од украинската територија, на друг начин, можат да посегнат и Полска и други соседи на Украина!

Во сето ова не е јасно дали Западот смета на Глобалниот југ и на „Пријателите на мирот“ во нивната потрага по мир во Украина. Или пак е решен да игра до отворена конфронтацијата со него. Што секако би било погубно, пред се’, за Европа.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина