26 Април, 2024
0.1381

ИНТЕРВЈУ АПАСИЕВ: Конфискација на криминалниот имот на фамилијата

Објавено во: Економија 12 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

„Рокот за застарување на кривичното гонење за нас „обичните смртници“ е десет до петнаесет години, додека за корумпираните политичари е предвидено тој да изнесува само година и пол (!?) – рок во кој е невозможно СЈО да спроведе сложени финансиски истраги”. Според Апасиев, еден од советниците на Катица Јанева,  Судството е окупирано од т.н. судократија. Неопходно е да се формира Специјален кривичен совет за делата од прислушуваните разговори. Прв услов за тоа е повлекување на Панчевски од позицијата Претседател на Кривичниот суд во Скопје.

“Штом Режимот е доведен во МВР, на таква позиција, да става професионално нереализирани и фотељашки настроени личности на така важни државни позиции, како што е тоа случајот со заменикот министер Андонов , тоа значи дека кубури со сериозен и квалитетен кадар, односно дека конечно паметните почнаа да бегаат и да се дистанцираат од ДПМНЕ!”, оценува универзитетскиот професор Димитар Апасиев, кој е и еден од  застапниците на активната македонска левица.

Во  врска со престојната посета на Јоханес Хан,  професорот од Правниот факултет  вели „Еврокомесарот, веројатно, повторно ќе ги истегне за уши нашите недоквакани политичари, кои да имаа сенс за лична одговорност и за менаџирање со кризи немаше да нè доведат до ова дереџе“. 

 Апасиев со порака „Новата преодна влада, по ослободувањето од домашниот окупатор, во еден оптимален рок од две години треба да спроведе своевиден „план за стабилизација на државата“.

Разговараше Горазд Чомовски








Фактор:По назначувањето на г-дин Оливер Андонов за заменик министер за внатрешни работи се актуелизираше она телевизиско соочување меѓу Вас и сега актуелниот владин функционер. Доколку сега Ви се укаже можност да дебатирате со Андонов, што би му кажале?

Апасиев: Па, што имав да му кажам му го кажав вечерта на дебатата во „Топ Тема“. Можеби во фуснота би му додал дека, после таков телевизиски дебакл пред целата македонска јавност, каде што раскошно го демонстрираше своето тотално незнаење, полтронство и неспособност – умесно и достоинствено ќе беше да се повлече од јавниот живот, наместо да трчка кон некакви привремени јавни функции за кои, очигледно, не е кадарен. Но тоа, од друга страна отвора едно мошне значајно прашање, кое на прв поглед на сите ни бега од вид. Имено, штом Режимот е доведен до таква позиција да става вакви професионално нереализирани и фотељашки настроени личности на така важни државни позиции, тоа значи дека кубури со сериозен и квалитетен кадар, односно дека конечно паметните почнаа да бегаат и да се дистанцираат од ДПМНЕ! А тоа, за нас граѓаните, е сосем добро – од аспект на конечното ставање крај на едно децениско неодговорно и налудничаво владеење, кое неминовно ќе се случи на следните вонредни парламентарни избори.

Фактор: Кој се плаши од истрагите на Специјалното јавно обвинителство, односно кој нема интерес оваа институција да ги истражи сите индиции за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ?

Апасиев:Одговорот е очигледен и се наметнува сам по себе – оној кој се плаши од СЈО е Власта! Или, поточно речено, перјаниците на груевистичкиот Режим и на Фамилијата кои украдоа неброена сума пари и ги пренесоа на своите банкарски сметки на Белизе, залажувајќи го народот со трошки, труејќи го со лошотилук и  национализам и намамувајќи го на клиентелизам. Сета среќа во оваа ситуација е што Република Македонија од 2009 година – со ратификувањето на т.н. Варшавска конвенцијаза перење пари на Советот на Европа –  има едно од подобрите законодавства за конфискација на нелегално стекнат имот и приноси од кривично дело, усогласено со сите меѓународни стандарди од оваа област. Па верувам дека, со прецизни финансиски истраги и пружање на меѓународна правна помош од специјализирани странски институции, дел од милијардите евра народни пари кои се испумпани, испрани или незаконски изнесени од државава ќе бидат вратени во јавната благајна, за општото доброи благосостојбата на сите граѓани.

Фактор:Зошто продолжувањето на мандатот на СЈО и Законот за заштитени сведоци не беа услови за Пржино и дали партиските конфронтации во однос на работата на оваа институција може да биде причина за ново пролонгирање на изборите?

Апасиев: Искрено, и јас се прашувам зошто е направен таков превид при договарањето во Пржино 2!? Особено кога опозицијата веќе знаеше дека преговара со „контактуално неспособен“ партнер олицетворен во злостоничкото здружение на ДПМНЕ – кои се познати по тоа што ги изигруваат сите закони и на секаков начин гледаат да го минираат, злоупотребат и саботираат она што еднаш ќе го договорат. За оваа разбојничка дружина секој договор е „тоалетна хартија“ со која тие, опиени од ненормалната моќ која ја стекнаа благодарение на противправно акумулираното богатство, мислат дека можат да манипулираат како сакаат. Но, тоа е опасноста што неминовно се јавува кога најкрупните прашања за едно општество се решаваат зад затворени врати и во присуство на четворицата „племенски водачи“ и меѓународните посредници. Стекнувањето политичка култура е макотрпен процес, кој ние – за жал – го учиме на потешкиот начин.

Фактор: Владејачкото мнозинство се изјасни дека нема ништо да поддржи што е надвор од Пржинскиот договор. Од друга страна, се почесто се потенцира потребата од  формирање на посебно одделение во рамки на Кривичниот суд кое ќе постапува по предметите на СЈО по примерот на Одделот за организиран криминал. Како би можело да се реализира ваквата идеја во ситуација на перманентни опструкции од страна на Јавното обвинителство и на Кривичниот суд?

АпасиевОна што треба да се стори ургентно е смена на богатиот Претседател на Основниот суд Скопје I – г. Владимир Панчевски, кој патем речено е милионер и во Анкетниот лист не се срамел да наведе дека поседува десет стана. По овој чекор, воведувањето специјално одделение во Кривичниот суд ќе стане само прашање на време. Наједноставниот и најбрз рецепт за негова реализација е со промена на власта во декември! Новата преодна влада, по ослободувањето од домашниот окупатор, во еден оптимален рок од две години треба да спроведе своевиден „план за стабилизација на државата“: реализирајќи ги итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе (особено во делот на правосудството), да ја оддели Партијата од Државата, да изврши регуларен попис на населението, да го промени изборниот модел воведувајќи само една изборна единица и потоа да се самораспушти т.е. да распише нови слободни, фер и демократски избори на кои би било забрането да учествуваат старите подмитливи политичари, а би се вовела и забрана за предизборно коалицирање, со цел еднаш-засекогаш реално да се види која партија колку тежи во македонскиот политички простор.

Фактор: Уставниот суд сè уште не се произнесува околу иницијативата за оценување на уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство, а токму тоа  е дел од политичкиот договор меѓу лидерите на четирите најголеми партии. Што, според Вас, е причина  за  тактизирањето на Уставниот суд во однос на ова прашање?

Апасиев: Па, веројатно, дресираните загари на власта кои се вдомени во оваа институција чекаат команди од своите газди. Искрено, не верувам дека Уставниот суд ќе се дрзне да го укине СЈО, оти тоа би носело ризик од почеток на граѓанска војна, односно од неконтролирана експлозија на народниот револт низ улиците – кое е непосакувано сценарио за никого.  Кај нас, злоупотребата на правото од страна на оние на кои им е доверено неговото чување преминува во претерано штетна судократија – кога судот сам си ја припишува улогата и на уставотворец/законодавец – што, пак, е мошне опасна појава во едно „транзициско општество“, особено кога станува збор за сервилни судии кои се под просекот и со евидентно еродиран морален хабитус. Па така, наместо правна елеганција во нивните образложенија, гледаме вообразена ароганција во нивните постапки. Мислењето на стручната, но и на лаичката јавност е дека денешниов е најслабиот персонален состав на македонскиот Уставен суд во неговата полувековна историја! Видете само колку бедно изгледаат празните чиновнички биографии на некои од сегашните „истакнати правници“ со скромен правнички капацитет и никаква ерудиција, кога ќе се споредат со некои од поранешните уставни судии од времето на „тоталитарната“ и еднопартиска СФРЈ!?

Но, она што јавно би ѝ го препорачал на тамошната корумпирана „петорка“ уставни судии е – укинете го само ЧЛЕНОТ 22 од Законот за СЈО! Со тоа ќе завршите огромна работа за Републиката и, покрај сите досегашни бламирања и глупории, ќе можете достоинствено да ја напуштите функцијата, која и онака не ја заслужувате. Овој контроверзен член – кој предвидува прекраток рок од 18 месеци за поднесување обвинение против политичарите за делата кои произлегуваат од прислушкуваните материјали од „бомбите“ – ги привилегира носителите на јавни функции кои се директно засегнати од тековни или идни предистражни и истражни постапки за сторен криминал од нивна страна, бидејќи ваков рок не постои во Законот за кривична постапка. Колку за споредба, рокот за застарување на кривичното гонење во Кривичниот законик за нас „обичните смртници“ е десет до петнаесет години, додека за корумпираните политичари е предвидено тој да изнесува само година и пол (!?) – рок во кој е невозможно да се спроведат сложени финансиски истраги. Згора на сè, ако се земе предвид фактот дека СЈО во својот почетен период на работа имаше реални проблеми при своето конституирање, кадровско и просторно екипирање и соработка со другите државни органи, како и фактот дека скоро два месеца неговата работа практично беше блокирана поради противправната „аболиција“ дадена од страна на Претседателот на РМ – станува јасно дека овој фиксно утврден временски период е објективно прекраток за спроведување на темелни истраги – пa оправдано се поставува прашањето: дали со ваквата несмасна и избрзана формулација, законодавецот – раководен од тендерската коалиција на ДПМНЕ и ДУИ – сакал да ја попречи правдата во лична корист на осомничените високи партиски функционери, кои ја злоупотребиле својата позиција за лично богатење на штета на јавниот интерес, за тие никогаш да не бидат изведени пред независен и непристрасен суд и да одговараат за сторените тешки кривични дела кои им се ставаат на товар!?

Фактор: Како дел од експертскиот тим на СЈО, очекувате ли  некој  од „Сваровски“ судиите да се одважат и да постапат спротивно на инструкциите кои ги добиваат од владејчката партија?

Апасиев: Откога постои светов и веков, судиите важат за лесно расиплива сорта луѓе кои се приврзоци на секој неправеден систем. За нив, во стручните кругови,кружи една промисла дека се како „јастреби преправени во тоги“ кои, за своја лична корист, не ретко можат да го извртат текот на Правдата и да се престорат во нечесни трговци со пресуди. Со други зборови, тие некадарни послушници чувствуваат интимна потреба, со умилкување и судење по нарачка, да им се оддолжат на оние кои ги избрале, па дури и кога овие изрично не го бараат тоа од нив. Се разбира, за оваа своја лојалност, овие подлизурковци очекуваат да бидат соодветно „вреднувани“ и наградени, барем со избор во судија во повисок суд. Затоа судството, со право се третира како најголемата рак-рана на македонското (пос)транзициско општество.

Но, и покрај ваквата грда слика, и покрај системската корупција која вирее на највисоко ниво, и покрај поданичката и измеќарска атмосфера меѓу судиите – сепак, таму има преостанато малкумина луѓе со кредибилитет кои можат да се одважат на таков чекор. Впрочем, да не заборавиме дека и Катица, Ленче и Фатиме, пред да станат дел од СЈО, работеа во редовното обвинителство, како орган на нашиот веќе постоечки правосуден систем. Оттука, доколку на судиите и на нивните семејства би им се гарантирала безбедноста од евентуална одмазда на мафијата, уверен сум дека многу бргу ќе се изнајде таков јунак од судиската фела кој ќе ја донесе и првата осудителна пресуда, по што би започнал и охрабрувачкиот процес на тотална демонтажа на корумпираниот режим. Оти, каква корист имаме ние од судиите ако тие би можеле така лесно да бидат натерани да се сложат со рекетарските уцени на властодржците?

Фактор: Дали посетата на Еврокомесарот за проширување е со цел да превенира евентуално ново одложување на изборите или да побара од партиските лидери да не ја опструираат работата на СЈО и целосно да застанат зад нејзината работа?

Апасиев: Искрено, имам попаметни работи во животов, и не ја следам агендата на разноразните евробирократи, а уште помалку ако тие доаѓаат од т.н. „европска десница“. Доаѓањето на Еврокомесарот, веројатно, повторно е да ги истегне за уши нашите недоквакани политичари, кои да имаа сенс за лична одговорност и за менаџирање со кризи немаше да нè доведат до ова дереџе и до ваквата најдлабока политичко-правна криза во Македонија од војната во 2001 год.

Фактор: Каков степен на политичка етика би имало ако на изборите повторно се појават политичари кои се под сомневање за можни сторени криминални дејствија?

Апасиев: Сè додека ова е прашање на етика, бидете сигурни дека ќе има вакви шверцери на изборните листи! Затоа јас, по примерот на Римското право кое што го предавам, се залагам за тоа, во нашиот Изборен законик, да се воведе изречна забрана за кандидирање, односно за вршење јавна функција на лице кое било осудено за изборна корупција, проневера во службата или, пак, за т.н. користољубиви кривични дела од областа на економскиот криминалитет и даночните затајувања. Со тоа, барем делумно, би се ставил крај на старите корумпирани „лидери“ и би се отворил патот за „свежа крв“ во политиката – составена од образовани, неизвалкани и неподмитливи политичари водени од идеалите за социјална правда и економска благосостојба – кои храбро и одлучно би ја повеле земјата кон радикални општествени и даночни реформи во полза на осиромашениот и обесправен народ.

Можеби ќе ве интересира

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

ПОРАЗИТЕЛНО: Приближно 70 отсто од фабриките во Русија се соочуваат со недостиг на работници

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

НАЦИОНАЛНО БИРО ЗА ОСИГУРУВАЊЕ: Цената на авто осигурувањето е непроменета од 2008 година, реално е покачувањето

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра