26 Април, 2024
0.0315

ИНТЕРВЈУ АРСОВСКА: Скопјани за 82 дена од мојот мандат ќе видат проекти и видлива позитивна промена

Објавено во: Македонија 15 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Капитален проект кој го наведува како проект од приоритетно значење е создавањето пет булевари за подобра поврзаност на Скопје, а во програмата планира и изградба на иновациски парк во кој треба да се привлечат нови инвеститори и тоа гиганти од информатичко технолошката индустрија. Данела Арсовска е независен кандидат за градоначалник на Скопје регионот кој има најголемо учество во вкупниот БДП на државата. Во Скопје се и голем дел од компаниите во државата кои вработуваат најголем дел од активното население, а таа доаѓа од приватниот сектор и вели дека ќе биде менаџер на градот. Вели дека економските проекти се меѓу приоритетите. Не отстапува од ветувањето за бесплатен јавен превоз, набавка на нови автобуси, за кои вели дека има решенија за финансирање.

И покрај тоа што ова е повеќе економско интервју би ве прашала прво очекувате ли да победите на изборите со оглед на тоа што и покрај тоа што локалните избори се избори на кои се гласа за човек, вашиот главен противкандидат ја има поддршката и од неговата матична партија и од коалициониот албански партнер ДУИ со кој моментно се во владејачката гарнитура?

Арсовска: За разлика од досегашни градоначалници кои што биле предложени од страна на политички партии, јас сум независен кандидат кој прво поддршка и потписи за кандидатура доби од граѓаните и тоа го сметам за предност. Како родена скопјанка, нашето Скопје го гледам низ призмата на секој еден жител на градот кој не е задоволен од сегашните состојби во кои тој се наоѓа. Како градоначалник ќе се залагам за квалитетно управување со главниот град и во соработка со жителите ќе се реализираат брзи, квалитетни и сигурни решенија за проекти од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град. Како прв човек на градот ќе ги мотивирам и поттикнам скопјани активно да се вклучат во креирањето политики на ниво на Град Скопје. Ќе се борам за зелено и модерно Скопје,  за сообраќаен ред, за повеќе паркинзи, бесплатен јавен превоз, за град кој што ќе биде центар на културни случувања, град со паркови и зелени површини. 

На нашиот град му е неопходно квалитетно менаџирање за да ги промениме сите политики кои до сега се покажаа како неуспешни. Знам како, можам и сакам да го претворам нашето Скопје во европска метропола и да ги предводам овие позитивни промени!

Вас ве поддржа опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ и албанските партии Алијанса на Албанците и Алтернатива. Колку ви е значајна поддршката од овие партии или колку ја сметате и за бреме со оглед на тоа што некако ви се ставаат на товар некои нивни минати грешки?

Арсовска: Јас се кандидирам како независен кандидат, никогаш не сум била член на ниту една политичка партија. Со кандидатурата побарав поддршка од сите граѓани на Скопје што ја имаат истата желба како јас, а тоа е Скопје да биде модерен град, град кој ќе функционира во служба на граѓаните. Верувам дека многу од нив ги препознаа и квалитетите и интегритетот кои ги поседувам и ќе се посветам во поместување на градот од сегашната состојба на стагнација. Поддршката од политичките партии, ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, ја истакнаа за мене, за мојата програма и визија за Скопје откако веќе се кандидирав и ќе имам можност со мандат да докажам дека може подобро од ова што сега го гледаме во Скопје. И од позиција на градоначалник на Скопје ќе се водам од принципи на меритократија, квалитет, интегритет, вистински систем на вредности, со програма што ќе го трансформира Скопје во модерен град со кој ќе се гордееме. 

Со оглед на тоа што се борите за прв мандат ве прашувам прво какви капитални проекти планирате за градот, најавувате пет нови булевари/ продолжување на постојните и нови обиколници. Како ја позиционирате стратегијата во овој дел?

Арсовска: Програмата што ја составивме има проекти, во десет области кои се директно поврзани со секојдневието на скопјани. Уште во првите 82 дена од мандатот ќе се посветиме на чистење на сите диви депонии во градот и околината. Програмата за скопјани со мојот мандат дава решение за моментално најголемите проблеми во градот, како сообраќајот, во смисла на поврзување на различни делови од Скопје, еколошки бесплатен и достапен јавен превоз, значително зголемување на зелените површини, гасификација на Скопје што воедно е дел од решението за чист воздух.Сите проекти од програмата се во области што ги засегаат граѓаните и нивниот живот, од економски и социјално, инфраструктурно, културно и социолошки, од доменот и надлежностите на градоначалникот и локалните власти. 

Капитален проект кој е од приоритетно значење е создавање на 5 булевари за подобра поврзаност на Скопје. Затоа со отпочнување на изградба на булеварот Хрватска во соработка со централната власт, продолжување на булевар Борис Трајковски до Драчево, продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, како и проширување на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со булевар „Ѓорче Петров“ со 4 ленти значително ќе се растовари сообраќајот од хаосот во кој сега се наоѓаме. Со овие булевари ќе се придонесе за намалена бучава, подобар проток во сообраќајот и ќе претставува битен чекор кон создавање модерен и функционален град.

Прилично доста гласно во јавноста се коментираше вашата најава дека јавниот превоз ќе биде бесплатен во ваш мандат. Што тоа значи и која е крајната цел, како тоа ќе помогне за намалување на сообраќајниот хаос?

Арсовска: Сведоци сме на лошо менаџирање на ЈСП поради непродуктивни трошоци, непостоење на систем за брз и ефикасен превоз кој само во првата половина од 2021 година има загуба од 139 милиони денари. Решението за БРТ ниту е добро, ниту со него се решаваат проблемите на скопјани. Ќе се бара решение за мостот Обединети Нации што е дополнителен трошок, ќе се уништи зелен појас по Партизанска, ќе се направи гломазен нефункционален систем кој нема да допре до секое населено место во градот. 

Постојат едноставни решенија за хаосот со транспортот во градот. Овие решенија подразбираат набавка на 250 нови еколошки автобуси, нов возен ред каде автобусите ќе сообраќаат во точни куси временски интервали со обезбедување на бесплатен превоз за сите скопјани. Сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато доколку имаме лесно достапен и бесплатен јавен превоз. Овој проект за целосно бесплатно квалитетен јавен градски автобуски превоз ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор. Нашата цел за 2025 година е намалување на употребата на автомобили, а за сметка на тоа зголемување на користењето на јавниот превоз, велосипедите и пешачењето. 

Најавувате и набавка на нови автобуси, кои се можностите за финансирање и кои ќе бидат вашите конкретни решенија за јавниот превоз освен постојниот автобуски?

Арсовска: Првенствено заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси. Се обврзуваме дека по 2022 година нема да се купуваат автобуси на фосилни горива како бензин и дизел, по примерот на многу европски градови, во склад со Парискиот договор и ЕУ Директивата, а во насока на намалување на емисијата на штетни гасови.

Во Скопје ќе започнеме со набавка на 150 ЦНГ автобуси. Такви автобуси на компримиран гас ЦНГ и биогас има во Љубљана и Тбилиси. Потоа ќе набавиме и 100 електрични, за кои ќе се обезбеди и прилагоди инфраструктура во ЈСП, по примерот на современите европски метрополи. 

Начинот на финансирање е преку фондови од ЕБРД и други донатори, за кои како пример можам да ги посочам Тбилиси, Софија и Нови Сад. Тбилиси има 1,1 милион жители, а градската власт направила набавка на 144 нископодни еко-автобуси на компримиран гас (ЦНГ) преку заем од 27 милиони евра додека ЕБРД обезбеди 7 милиони евра неповратни средства, односно грант од Фонд кој ЕБРД го менаџира. Проектот вклучува посебна компонента за обука на жени-возачи, во насока на поголема родова еднаквост. Во 2019 година државата направила дополнителна набавка на 176 еколошки автобуси за 6 градови во Грузија. Бенефитот е 34 проценти намалување на емисијата на гасови. Софија реализира набавка на 30 електрични автобуси преку заем и плус средства од Green Economy Special Fund, со очекуван бенефит од намалување на емисијата на штетни гасови во градот од 54 отсто. 

Каков ќе биде ИНОПАРКОТ за кој имате проект? Како планирате да ги привлечете компаниите, која е замислата?

Арсовска: Информатичкиот ИНОПАРК ќе се формира со цел искористување на потенцијалите на ИКТ индустријата и економско јакнење на градот. Скопје ИНОПАРК е информатичко-иновациски парк, кој ќе биде наменет за научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на старт-ап претпријатија, но и за привлекување на ИТ гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила од пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри, позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан, но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница. Со овој проект, ќе бидат искористени потенцијалите на ИКТ индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на граѓаните услови за професионален раст и можности за економско јакнење.

Велите дека ќе го користите потенцијалот на инвестициските зони во Скопје. За што точно зборувате и како планирате да носите странски инвеститори надвор од централната власт?

Арсовска: Мапирање на потенцијалот и капацитетите на инвестициските зони на градот Скопје, е уште еден од моите проект за економско јакнење на градот. Со овој проект ќе се зголеми ефикасноста при промоција на зоните и ќе се определат нови потенцијални подрачја за инвеститори, посебно во општините каде има деловно опкружување погодно за претприемништво и нови можности за инвестиции. Ова ќе претставува и зголемен потенцијал за развој на помалку развиените населени места како и за креирање нови работни места. Мора да се даде поддршка на постојните економски зони во градот за подобрување на инфраструктурата, на услугите во градот, полесни административни процедури, пристапноста во зоните и други погодности. Во соработка со општините во Градот, ќе предвидиме и проектирање на нови економски зони, кои ќе бидат центри на висока технологија, иновации и нови информациски достигнувања. Ќе ги мобилизираме сите капацитети, домашни и меѓународни експерти, стопанските комори за економски развој на градот, со цел решенија за малите и средни претпријатија но и развој на локални политики за привлекување инвеститори. Во малите и средни претпријатија во Македонија се вработени над 80 отсто од лицата вработени во приватниот сектор. На овие претпријатија треба да им овозможиме едноставни комунални и инфраструктурни решенија, но и нови форми за поддршка за самовработување на младите претприемачи. Ќе се изработи стратегија и акционен план со кој ќе се предвидат правците за развој на нови форми на соработка во насока на привлекување странски инвеститори и обезбедување соработка со домашни компании и пласман на нивните производи на светски пазари. Со организирање годишни деловни форуми, Скопје ќе се промовира како инвестициска дестинација.

Владата донесе одлука поголем приход од ДДВ и данокот на добивка да се префлаат на општините. Доволно ли е тоа во насока на се поголема децентрализација на општините?

Арсовска: Одлуката поголем приход од ДДВ и данокот на добивка да се префлаат на општините секако не е доволно за да обезбеди поголема децентрализација на општините. Кај нас над 15 години се одвива процесот на децентрализација, што навистина е предолг период. Започнат е во 2005 година и се уште трае. Иако фискалната децентрализација е еден од приоритетите кои произлегуваат од Пристапното партнерство на Македонија со ЕУ, таа се уште не се спроведува.

Како што е познато, до крајот на 2011 година сите општини во Македонија преминаа во втората фаза од фискалната децентрализација, односно ги вршат работите на администрирање и финансирање на децентрализираните надлежности во културата, образованието, детската и социјалната заштита. И веќе 10 години тука е застанато. Во делот на приходите и натаму постои зависност од централната власт бидејќи она што се обезбедува како сопствени приходи не е доволно. Кочењето на фискалната децентрализација можеби е со цел да може централната власт да ги контролира општините бидејќи така тие се финансиски зависни од неа и од блок дотациите кои ги добиваат од Владата. 

Во однос на роковите имате ли зацртани временски ограничувања за најавите со оглед на тоа што граѓаните веќе препознаваат само ветувања, на такви навикнаа веќе...

Арсовска: Во мојата програма стои иницијален рок од 82 дена за дел од проектите, а тоа е токму така затоа што за 82 дена може многу да се заврши. За 82 дена ќе ги исчистиме дивите депонии. За 82 дена ќе направиме генерално чистење на градот, сите главни градски улици и јавни површини. Во првите 82 дена ќе го исчистиме Вардар, ќе отпочнеме со реализација на проектот да нема повеќе заборавени населби во Скопје. Во мојот мандат на чело на Сојузот за Стопански комори, програмата која беше предвидена за реализација во период од две години, успеав да ја реализирам за една. Верувам дека и тука со добра организација, со добро менаџирање ќе ги спроведеме сите предлог проекти брзо, квалитетно и сигурно. 

Со оглед на тоа што се борите за прв мандат, ве прашувам прво кои се тие топ пет економски приоритети кои ги имате за градот?

Арсовска: Клучна област број е во мојата програма е економија, справување со сиромаштијата и стимулирање на претприемништво. Скопје е економски центар на Македонија, на голем број деловни, претприемачки и информатички процеси. Но, Скопје не се развива рамномерно, значаен дел од граѓаните се на работ на егзистенција. И затоа мојата програма е фокусирана на подобрување на локалните услови за поддршка на малите и средни претпријатија во градот Скопје за да ги задржиме постоечките, но и да поттикнеме отворање нови добро платени работни места. Наш фокус ќе биде и поддршка на занаетчиството и малите локални претпријатија за да се справиме со невработеноста во градот Скопје.

Со ангажирање на тим од домашни и меѓународни експерти за претприемништво и брз развој на нови иновативни мали компании, ќе изработиме Стратегија за поддршка на иновации и претприемништвото на град Скопје, предвидувајќи формирање на локален иновациски фонд за млади претприемачи, креирање на локален научно-образовен центар, локална стратегија за привлекување странски инвестиции, поддршка на постоечките иновативни центри и изградба на нови. Веќе го најавив новиот технолошко-иновациски парк – ИНОПАРК  кој ќе биде центар на овие процеси, но и зона на неограничени можности за напредок на претприемачите.

Потоа важни се инвестициските зони на градот. Индустрискиот капацитет кој е на располагање во економските зони во општините во градот Скопје има потреба од апликативно аналитичко мапирање на своите капацитети. Мапирањето ќе се спроведува согласно со Генералниот и Деталните урбанистички планови како стратешки планови на градот. Со овој проект ќе се зголеми ефикасноста при промоција на зоните и определување на нови потенцијални подрачја за стратешките инвеститори, посебно во подрачјата во општините каде има деловно опкружување погодно за претприемништво и нови можности за инвестиции. Преку организација на годишни деловни форуми за промоција на Скопје како одлична инвестициска дестинација, со стратегија и акционен план кои ќе ги предвидат правците за развој на нови форми на соработка ќе имаме јасна цел на привлекување на инвестиции.

Ќе ги поддржиме постојните економски зони, со воспоставување меѓусебен дијалог и подобрување на инфраструктурата, услугите во градот, полесни административни процедури, пристапноста во зоните и други погодности. Во соработка со општините во Градот, ќе предвидиме и проектирање на нови економски зони, кои ќе бидат центри на висока технологија, иновации и нови информациски достигнувања.

Улогата на жената во македонското општество е важна, а сепак процентот на жени менаџери и претприемачи, жени на раководни позиции и на клучни политички функции е далеку под европскиот просек. Токму затоа ќе дадеме поддршка на жените менаџери, со соодветно внимание за родовото буџетирање, на градење политики за родова рамноправност во администрацијата, како и финансиска поддршка за отпочнување нови бизниси.

Покрај нив, тука е и поддршката за НЕЕТ младите, односно младите кои не се вработени, не се во образование ниту во обука, мора да го добијат заслуженото место во градот Скопје. Целта на програмата е да овозможи подобрена интеграција на НЕЕТ групата на млади преку зголемена соработка меѓу младинскиот сектор и различни институции на национално и локално ниво.

Подеднакво важно е создавање партнерства кои ќе значат подобрување на животот за сите скопјани и потенцијал за развој на Скопје. Вмрежување и поврзаност на Градот Скопје со меѓународните мрежи и асоцијации на градови ќе има за цел зајакнување на улогата и креирање можности за нови мрежи на градови односно асоцијации кои би биле од интерес за градот.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Ковачевски демантира дека се спрема бојкот за претседателските избори

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

ПЕТРОВСКА ВЕЛИ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ГО ЗАМЕНИЛА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА ВО СТАТУТОТ СО „ДРЖАВАТА“: Стојаноска сe закани дека ќе ги фрли листовите

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

КАСАМИ: Ќе има европска влада во која коалицијата „Влен“ веќе е најавено дека ќе биде дел

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

БУГАРСКИ ДНЕВНИК: Странска интервенција од неочекуван правец ги смени македонските избори

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ЛЕВИЦА: Ќе изградиме споменик за бранителите од Вејце

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ДЕМИРИ: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурaна, менаџментот треба да преземе одговорност

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

ВТОР КРУГ: Се спрема ли бојкот?

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

Ковачевски: По изборите ќе има партиски избори во СДСМ

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“

„НЕ НИ ЛИЧИ НА НАМ ОД СДСМ ДА ЗАСТАНЕМЕ И ДА НЕ СЕ БОРИМЕ“: Спасовски преку фејсбук мобилизира, „Не смееме да се откажеме од иднината“