Марјан Богатиновски, Главен комерцијален директор за деловни корисници
ИНТЕРВЈУ БОГАТИНОВСКИ: Решенијата за поквалитетен живот се дигитални
Објавено во: Економија 08 Април, 2025 10:00
Дигитализацијата на бизнисите и на општеството е природна еволуција – очекуван исход од развојот на технологиите. Како дигиталните иновации ќе ни го направат животот подобар во иднина? Какво влијание ќе имаат на економијата и здравството, на начинот на кој работиме и комуницираме? За да дознаеме што прават технолошките лидери на оваа тема во моментов и какви се нивните планови за годините што следат, разговараме со Марјан Богатиновски, Главниот комерцијален директор за деловни корисници во Македонски Телеком.
Дискусијата за дигиталната трансформација во Македонија е присутна повеќе години наназад, а јавноста веќе има можност да види како функционираат некои од паметните дигитални решенија коишто ги донесе овој бран на иновација. Како гледате на прогресот на дигитализацијата во нашето општество? Сметате ли декa се адаптираме на промените со соодветно темпо?
БОГАТИНОВСКИ: Дигитализацијата на бизнисите и на општеството е природна еволуција – очекуван исход од развојот на технологиите, поттикнат од потребите на нашите граѓани и компании. Ние сме сведоци на раст на интересот на бизнисите и на институциите за новите дигитални решенија коишто им решаваат многу предизвици. Ако порано нашите презентации и конференции за вакви решенија се сведуваа на коментари од посетителите од типот „ова е интересно”, сега гледаме многубројни конкретни барања за што побрза реализација и имплементација. Позитивните искуства на корисниците брзо се пренесуваат. Иако беше потребно подолго време овој процес да стекне поголем интензитет, сметам дека сега тој е незапирлив.
Сепак се работи за голема промена којашто, за да ни ги направи животите поедноставни и побезбедни, потребно е да биде прифатена од целата заедница – граѓаните, бизнисите, институциите... Каде ја гледате улогата на Македонски Телеком во овој процес?
БОГАТИНОВСКИ: Македонски Телеком има повеќекратна улога во воведувањето на дигитализацијата во сите сфери на општеството. Ние сме де факто технолошки лидер, со соодветна мрежа, ресурси и процеси за поддршка на ваквата еволуција. Од една страна, како членка на Групацијата Дојче Телеком, ние ги споделуваме заедничките искуства и експертизата. Од друга страна, ние сме извор на млади кадри коишто создаваат решенија овде, во Македонија, во нашиот Развоен центар за напредни решенија. Исто така, нашата улога ја гледаме во промоцијата, едукацијата и советодавните активности за нашите корисници за тие да можат да го извлечат максимумот од имплементираните решенија.
Од што се водите при развојот на решенијата за крајните корисници?
БОГАТИНОВСКИ: Имаме неколку принципи од кои се водиме при создавањето дигитални решенија. Како прво, велиме дека нудиме резултат а не само услуга.Корисникот мора да има мерлива корист од решението: треба да знае точноколку заштедил вода, електрична енергија, колку се подобро осветлени јавните површини, колку интернет закани се откриени и спречени, колку клиенти дознале за неговиот производ преку нашата платформа за комуникација итн. Второ, решенијата се сеопфатни - се трудиме да обезбедиме наш хардвер, софтвер, мрежа, безбедност... Ова ни го овозможува третиот принцип: да ги приспособуваме решенијата на конкретниот корисник, бидејќи не може едно исто решение да биде еднакво добро за сите корисници. Многу е важно што решенијата ги нудиме како управувана услуга од Македонски Телеком – корисникот не треба да инвестира однапред, туку плаќа месечно за пристап до услугата, онолку колку што користи.
Во неколку наши општини веќе можат да се забележат функционални решенија за паметно осветлување, контрола на потрошувачката на вода и автоматизација на процесите, целосно развиени од Македонски Телеком. За какви решенија се работи и како се тие прифатени?
БОГАТИНОВСКИ: Се работи за решенија коишто значително го подобруваат квалитетот на живот на нашите сограѓани. Со паметното осветлување се штеди електрична енергија, се обезбедува значително подобра осветленост на коловозите и тротоарите и се поедноставува процесот на одржување на осветлувањето. Паметните водомери коишто ги инсталиравме како пилот-проект во неколку општини овозможуваат далечинско читање на потрошувачката, идентификација на несакано истекување, далечинско намалување на протокот или запирање на водата (на пример, во викендички или за интервенција), алармирање за злоупотреба на водомерот... Системот за контрола на електричната енергија ни обезбедува далечински увид во електричните параметри во реално време, но и можност за вклучување и исклучување на напојувањето, како и управување со струјата генерирана од соларни панели. Сите овие решенија имаат значителна компонента на подобрување во управувањето со стратешките ресурси, но и за зачувување на природните ресурси, што е исклучително важно за сите.
Дали работите и на телемедицината и на дигитално здравство?
БОГАТИНОВСКИ: Овие решенија ја имаат најхуманата вредност од сите коишто им ги нудиме на нашите партнери и корисници, што се покажа и во практиката. Со нив се обезбедува, на пример, лекар-специјалист во Скопје да чита медицински резултати од Гевгелија, наместо да патува до таму. Со ова се скратува времето на чекање на дијагнозата, што честопати значи многу за пациентот. Понатаму, матичните лекари можат да добијат медицински уреди коишто се аплицираат кај пациентот дома додека лекарот го следи од својата ординација. Со овасе подобрува дијагностиката и се поштедува пациентот од патување, што е особено важно за повозрасните и тешко подвижните пациенти. Истиов принцип може да се примени и во амбулантно возило – додека пациентот се пренесува, на пример, од Пехчево до Скопје, лекарите специјалисти од Скопје можат далечински да ги надгледуваат неговите витални параметри, да му даваат совети на медицинскиот персонал во возилото за апликација на лекови и да се подготват за интервенција кога ќе стаса пациентот. За конкретните резултати од првите примени, меѓу кои и спасувањето животи, подобро би објасниле матичните лекари и специјалистите коишто веќе ги користат.
Дигитализацијата носи и предизвици поради безбедносните интернет закани. Што презема Телеком на ова поле за да обезбеди подобро искуство за корисниците?
БОГАТИНОВСКИ: Да, безбедноста во дигиталниот простор е од исклучително значење. Поради ова нудиме решенија по мерка за големите корисници, но исто така креиравме услуга за малите и средните компании коишто речиси и да немаат ИТ персонал. Со нашата услуга Безбедносен оперативен центар овозможуваме откривање, анализа и, по потреба, интервенција за широк спектар можни интернет напади, 24 часа на ден, 365 дена во годината. Покрај ова, нудиме редовно автоматско креирање заштитена копија од податоците во нашиот Податочен центар, којашто корисниците ја имаат на располагање во случај на испад на нивните системи.
Што можеме да очекуваме во следниов период?
БОГАТИНОВСКИ: Постојано работиме на развојот на нови решенија во чекор со барањата на корисниците и технолошкиот развој. Очекуваме засилена имплементација на паметни градови и дигитализирани компании што ќе се засноваат на нашите услуги коишто се водечки во регионот. Очекуваме придобивките да имаат широк опсег на примена и да бидат почувствувани не само од компаниите, туку и од сите граѓани.
За крај, би сакал да потенцирам дека се радуваме на патот што ни претстои на сите нас, а којшто треба заедно да го изодиме, до целосна дигитализација на општеството. На овој пат може да се смета на целосна поддршка од Македонски Телеком.
Можеби ќе ве интересира
РАСТЕ ПЕСИМИЗМОТ: Секоја трета германска компанија планира отпуштања

ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА: Проектираниот раст од 3,7 oтсто реален, отворени можности за префрлање на капацитетите од европските земји во нашата земја

СЕКОЈ ДЕСЕТТИ ХРВАТСКИ РАБОТНИК ЗЕМА МИНИМАЛНА ПЛАТА: Колкав е износот?

Трендафилов: Како Пазарен инспекторат да ги спроведува мерките на Владата, кога немаат добиено плата?

СОНК СО ПОВИК, ДА НЕ СЕ ПОТПИШУВААТ НОВИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ПЛАТИ ВО КУЛТУРА: Бараат средба со Љутков

СЕКОЈ ТРГОВЕЦ КОЈ ВРШИ ПРИТИСОК ВРЗ ДОБАВУВАЧ, ГО УЦЕНУВА И ДИКТИРА УСЛОВИ, РИЗИКУВА САНКЦИИ - се огласи КЗК: Да се почитува Законот за забрана на нефер трговски практики

ИМОТИ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ ПРОДАВААТ КАКО АЛВА: Бум на пазарот во Дубаи

ДО СКОРО ДАВАА НАГРАДИ НА ВРАБОТЕНИ ШТО ЌЕ ДОНЕСАТ НОВ РАБОТНИК, СЕГА ДОЈДЕ ОБРАТЕН ПРОЦЕС - како падот на нарачките од Германија се одрази на „Мода“ од Свети Николе

УПОЗ: Има ли пилот во авионот!?Ќе дојде 1-ви Мај, а нема плата
