Кој заработи речиси половина милион евра во март од извоз на јагнешко во Хрватска?
Објавено во: Економија, Агробизнис 23 Април, 2025 08:40
За тоа колку е интензивен извозот на јагнешко месо и дали е доходовна дејноста мора да се знае дека во истиот период лани извозот бил 1,5 милиони евра, а годинава е помалку од половина милион евра. Бројките за првиот квартал на оваа струмичка компанија го потврдуваат наративот дека извозот на јагнешко од Македонија годинава значајно потфрли
Струмичката компанија „Кланица со ладилник“ успеа пред католички Велигден да извезе јагнешко месо во Хрватска во вредност од 462.000 евра, покажува финансискиот извештај за првиот квартал на оваа компанија специјализирана за конфекција и извоз на месо.
Во вкупниот приход за првиот квартал извозот на јагнешко месо во Хрватска учествува со 60 отсто, покажуваат податоците од извештајот на менаџментот на струмичката компанија. Од остананиот приход остварен во првиот квартал 240.000 евра се од продажба на месо на домашниот пазар, а останатите 60.000 евра се од услуги кои кланицата ги давала на деловни партнери.
Споредбата на податоците од извоз покажува дека има драстичен пад на пласманот на македонско јагне во странство во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани. Во 2024 година во првите три месеци „Кланица со ладилник“ извезла месо во вредност од 1,54 милиони евра, а во истиот период годинава извозот е помал за 70 отсто.
Пад на приходите има и на домашниот пазар, но нивото на намалување е многу поумерено и домашната продажба бележи пад од само 13 отсто во споредба со 2024 година.
Оперативната добивка на „Кланица со ладилник“ годинава изнесува нешто над 50.000 евра, а истиот период лани изнесувала над 1 милион евра.
Интересно за истакнување е тоа што годинава иако со многу помали приходи од лани „Кланица со ладилник“ значајно ги зголемила своите трошоци за вработените. Иако се мала расходна ставка во вкупната структура на трошоци и изнесуваат 40.000 евра за три месеци тие во однос на истиот период лани се зголемени за 85 отсто.
Компанијата „Кланица со ладилник“ е во доминанта сопственост на струмичката месна индустрија „Ронибет“ која поседува 77,3 отсто од сите акции со право на глас во струмичката фирма.
Што се однесува до малцинските акционери, нив ги има над 1.300 домашни физички лица и тие поседуваат 21,5 отсто од акциите со право на глас. Компанијата има 380.000 акции со право на глас, но таа хартија од вредност е неликвидна и во текот на последните 52 трговски седмици (една година наназад н.з.) со таа акција не е евидентирано тргување на Македонската берза за хартии од вредност.
Јавно достапните финансиски податоци за оваа компанија покажуваат дека лани остварила вкупни приходи во вредност од 4,6 милиони евра, а добивката на крај на 2024 година била само 20.000 евра.
Р.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




